Со нож ги пресретнал газдите што не му исплаќале дневници во Трубарево, заработи кривична


Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 30-годишен маж, осомничен за кривичното дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ по член 133 став 1 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, осомничениот со нож им се заканувал на сопружници, сопственици на фирма во која бил вработен, барајќи да му бидат исплатени неисплатените дневници.

Настанот се случил на 21 јули попладне, кога сопружниците со автомобил излегувале од фирмата во селото Трубарево. Осомничениот им го попречил патот, застанувајќи пред возилото со нож во рацете. Според ОЈО, тој агресивно замавнувал со ножот, ги навредувал и им се заканувал, а потоа со него ја исекол левата задна гума на автомобилот.

Во обид да ја смири ситуацијата, оштетениот разговарал со осомничениот, додека неговата сопруга, исплашена, избегала и влегла во казино во близина, од каде што повикала полиција.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и контакт со оштетените.