Со фотографија до Европа: Одлична можност за младите од Западен Балкан!

Конкурс за сите млади од Западен Балкан на возраст од 18 до 29 години ја отвора вратата на европскиот дух, преку објективот на камерата и универзалниот јазик на спортот. Ова е одлична можност за младите, еве ги деталите.
Младите од земјите од Западен Балкан се поканети да учествуваат на уникатен фото-натпревар кој ги промовира европските вредности, заедништвото и процесот на европска интеграција преку спортот.
Конкурсот е отворен за сите млади луѓе на возраст од 18 до 29 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Кој може да аплицира?
Заинтересираните учесници не мора да бидат професионални фотографи – клучот не е техничкото совршенство, туку моќта на пораката што ја носи фотографијата.
Целта на натпреварот е да се раскаже приказната за спортот како симбол на инклузија, заедништво и партнерство, но и пошироко: за истрајност, почит, просперитет, мир, културна соработка и европско единство.
„Покажете ни како ја гледате моќта на спортот во иницирањето позитивни промени во Западен Балкан и во Европа“, велат организаторите.
Се испраќаат фотографии заедно со кратка приказна зад нив, а на најдобрите ќе им биде доделено патување на спортскиот фестивал во Љубљана, настан кој обединува млади луѓе, спортисти и лидери од цела Европа.
Конкурсот е отворен од 24 април и трае до 24 мај.
Пријавувањето се врши преку официјалната платформа за натпреварување, со едноставна онлајн регистрација.
Оваа покана е упатена до сите млади луѓе кои веруваат во заедничките вредности и силата на тимскиот дух – како во спортот, така и на европскиот пат на регионот.
Пораката е јасна: играме заедно. Заедно победуваме. Заедно ја градиме Европа, велат организаторите.
Повеќе информации за конкурсот можете да најдете на страницата webalkans.eu, каде што можете и директно да аплицирате.