Смртоносниот нордиски топлотен бран e засилен од климатската криза

Долготрајниот нордиски топлотен бран во јули беше засилен од климатската криза и покажува дека „ниту една земја не е безбедна од климатските промени“, велат научниците, пренесува „Гардијан“.
Норвешка, Шведска и Финска имаат историски студена клима, но беа погодени од екстремно високи температури, вклучувајќи рекорден период од 22 дена со температури над 30°C во Финска. Шведска издржа 10 последователни дена со „тропски ноќи“, кога температурата не падна под 20°C.
Глобалното затоплување, предизвикано од согорувањето на фосилни горива, го направи топлотниот бран најмалку 10 пати поверојатен и за 2°C потопол, велат научниците. Некои од метеоролошките податоци и климатските модели користени во нивната анализа укажуваат дека топлотниот бран би бил невозможен без климатскиот колапс предизвикан од човекот.
Топлината доведе до последици – болниците се пренатрупуваа, а некои беа принудени да откажат закажани операции. Најмалку 60 лица се удавија поради зголеменото капење на отворено, додека токсични цветови од алги се развија во морињата и езерата.
Се појавија многу шумски пожари, а беа пријавени и случаи на луѓе кои се онесвестувале на настани во текот на туристичката сезона. За време на последниот голем топлотен бран во регионот, во 2018 година, само во Шведска предвреме починаа 750 лица.
Дивиот свет исто така беше погоден, посебно познатите ирваси на скандинавскиот полуостров. Некои животни угинаа од жештината, а други влегуваа во градовите барајќи сенка. Возачите беа предупредени дека ирвасите би можеле да се обидат да се оладат во патни тунели.
Голем дел од северната хемисфера во последните недели доживеа топлотни бранови – Обединетото Кралство, Шпанија и Хрватска, каде уништувањето од шумски пожари е речиси двојно поголемо од 20 годишниот просек, како и САД, Јапонија и Јужна Кореја.
Професорката Фридерике Ото, климатолог од Империјал колеџ Лондон, кажа дека дури и релативно студените скандинавски земји денес се соочуваат со опасни топлотни бранови при затоплување од 1,3°C – ниту една земја не е безбедна од климатските промени.
„Согорувањето на нафта, гас и јаглен убива луѓе денес. Фосилните горива го засилуваат екстремното време, а за да спречиме климатата да стане уште поопасна, мора да престанеме да ги согоруваме и да преминеме на обновлива енергија“, рече Ото.