Случај Павле Богоевски: Многу кривични дела, малку докази за „пола“


Освен бурни реакции во јавноста, разговорот на пратеникот Павле Богоевски кој беше објавен на руска социјална мрежа, отвори и многу кривични дела што ќе ги истражува скопското јавно обвинителство заедно со Министерството за внатрешни работи и другите институции.

Во четириесетте секунди од разговорот на Богоевски се детектираат многу потенцијални кривични дела, но истражните органи засега во раце имаат многу малку докази за да ги докажат. Богоевски во средата даде исказ во полициската станица „Беко“ двапати, а следниот ден бил и во скопското јавно обвинителство каде што исто така ја кажал својата верзија за тоа кој ја објавил снимката на социјалната мрежа на профилот „Илија Громовник“ и за содржината на разговорот. Засега, само снимката и исказите на Богоевски се опипливи докази, а Обвинителството ќе истражува кој го објавил овој разговор на социјалната мрежа, ќе го бара таксистот што го снимил, од кого и за кого набавувал (ако набавувал дрога), но ќе се истражува и што нарачува Богоевски, кокаин, како што беше првично објавено или масло од канабис за неговата сестра, како што тврди тој.

И евентуалната нарачка на кокаин и нарачката на канабис се кривични дела, но обвинителството треба да ги докаже за да отвори постапка и да го предаде предметот во суд. За да се докаже каква било манипулација со дрога, треба да се одземе дрогата, се прави претрес и записник за претресот. Кога сето ова ќе се документира, се изготвува потврда за привремено одземени предмети на кои сопственикот на таа наркотична дрога се потпишува. Потоа, по наредба на јавен обвинител, таа се вештачи и сите докази се праќаат во суд. Но засега Обвинителството нема ништо од ова, предметот е во предистрага и уште нема донесено јавнообвинителска одлука за да се отвори истрага.

„Во моментот нема корпус делкти, но тоа не значи дека ќе го затвориме предметот, ние ќе истражуваме“, вели раководителот на скопското обвинителство Сашо Рајчев.

Главниот акцент сега се става на Министерството за внатрешни работи, тоа ќе добие наредби од Обвинителството, но полицијата треба да ги открие сторителите и да обезбеди докази.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека полицијата ќе го третира овој случај како и секој друг случај за кој е покрената истрага.

„Без разлика дали некој носи некаква функција или не, тоа не е никаква предност за него туку, напротив, тој само има поголема одговорност. Затоа ниту јас ниту колегите од МВР немаме никаква причина да не постапуваме за овој случај на начин како и за сите други случаи. Се работи за настан кој е во истрага, но и јавноста знае дека не станува збор за разговор што бил прислушуван од страна на институциите туку бил сниман со мобилен телефон или друг уред. Добро е сето тоа да се расчисти затоа што сакаме да застанеме на патот на злоупотребата на снимањето и нарушувањето на приватноста на кој било човек. Што се однесува до сличниот случај во Прилеп, со прислушуваните разговори, истрагата е при крај и деновиве очекувам да биде поднесена кривична пријава“, истакна Спасовски.

За време на изборната кампања беа објавени нови прислушувани разговори во кои беа снимани поранешни и сегашни функционери. Министерството за внатрешни работи преку нивни канали пробува да дојде до идентитетот на сопственикот на тој профил на руската социјална мрежа, но органите засега го немаат најдено лицето кое ги објавува „бомбите“. Обвинителството и тогаш и сега испраќа барање до социјалната мрежа како овластен орган, но досега немаат добиено одговор.

Богоевски призна дека се работи за неговиот глас, негов телефонски разговор кој наводно бил снимен од некој таксист додека тој се превезувал, и дека нарачувал масло од канабис за медицинска употреба за негова блиска личност.

Џафери не дава наркотестови за пратениците

Осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа иницијатива до Собранието сите пратеници доброволно да направат тест за (зло)употреба на наркотични средства.

„Бараме Собранието в понеделник да овозможи услови и лекарски тим кој ќе може ова да го спроведе. Воедно, предлагаме и другите политичари, актуелни и поранешни функционери, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници, да ни се придружат во намерата и на нашите граѓани да им дадеме добар пример во борбата против (зло)употребата на наркотични средства. Ги поттикнуваме сите вршители на јавни функции да го направат истото доброволно“, пишува во соопштението.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја разгледал иницијативата, но известува дека не постои правен основ да се изврши доброволно тестирање на пратениците од наркотици.

„Условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието се јасно дефинирани и оттука претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања. Според Законот за безбедност и здравје при работа, член 22, став 1, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Пратениците и вработените во Собранието, како и сите вработени лица во државата, одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба“, соопштуваат од неговиот кабинет.

Пратениците последно биле на систематски преглед во 2017 година, а следниот редовен преглед ќе се спроведе во текот на оваа година.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски