Словенечки херои: Пожарникарите спасиле 22 деца од поплавена градинка
Во петокот, доброволната противпожарна единица од градот Менгеш во централна Словенија, северно од Љубљана, објави драматични фотографии од спасувањето на децата од градинката во Гобица.
„Ги известуваме родителите дека успешно ги евакуиравме сите 22 деца во објектот Сончек“, напишаа на социјалната мрежа.
Зградата на градинката е полупоплавена, поројот од вода носи трупци на сите страни, а во сиот овој хаос пожарникарите во раце носат исплашени деца – облечени во пижами и завиткани во топли ќебиња, цврсто се држат за своите старатели ангели.
„Поклон до небо, господ да ве благослови“ – напишале трогнати граѓани под објавата, а коментарот на еден татко бил особено емотивен.
„Благодарам момци, ја имате мојата најдлабока почит. Ова дете на фотографијата е мое, ви благодарам за помошта“.
Во оваа спасувачка акција помогнал и трактор, а децата со приколка биле пренесени на безбедно. Поплавниот бран од Мост при Коменда за помалку од еден час стигна до општина Менгеш.