Скопје ќе го види сонот на Јована Филиповиќ и Ајбуке Баркчин: Колекцијата на пријателство стана јаве


Македонската модна дизајнерка Јована Филиповиќ новата капсулна колекција, во соработка со колешка од Турција – Ајбуке Баркчин ќе ја презентира в петок во 21, 30 часот, во МСУ , во рамките на Експо 30. 

Lucid Dreams in Torn Realities претставува олицетворение на едно пријателство, кое доведе до соработка, каде и двајцата креативци решија да размислат за разорните ефекти на пандемијата и да претстават колекција што ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија. 

 

Женственоста, функционалноста, елегантноста и препознатливиот монохроматски израз на Јована Филиповиќ, овој пат е надополнет со енергијата и уметничкиот израз на Ајбуке Баркчин, која се јавува како ко-дизјанер/соработник на колекцијата.  

Своето искуство Баркчин го гради најпрвин во Турција, студирајќи меѓународни односи и графички дизајн, а потоа го надоградува знаењето во Америка, Франција,  Хонг Конг и на крај во Италија на факултетот за мода – Полимода, каде што и се спојуваат патиштата со Јована и веќе истата година почнуваат да соработуваат на неколку проекти.  

Токму тоа пријателство е и почетната инспиративна точка на Капсулната Колекција за Есен/Зима 2021, и обидот да се трансформираат нивните две тотално различни креативни енергии во еден хомоген приказ.  

 

Втората инспирација е спој од книгата на Lewis Caroll – Алиса во земјата на чудата и Јапонското Аниме – Paprika, базирано на новелата на Yasutaka Tsutsui.  

Колекцијата содржи вкупно 18 изгледи, и секој изглед по себе носи некоја приказна раскажана или прераскажана во вид на форма, идеја, порака или принт.  

 

Сите изгледи се надополнети со модни додатоци, ланчиња – чокери и алки кои имитираат трње и рози. Како и синџири кои претставуваат симболична референца за прицврстување и втемелување во новата реалност.