Скопјани ќе имаат парно, прашање е само дали топланите ќе работат на гас или на дизел, вели Ковачевски

Веќе се набавени потребните дизел пумпи. Системот кој што претходно работеше на мазут и кој еколошки е повеќекратно полош отколку работата на дизел, се санира, се чисти, а пумпите ќе бидат поставени деновиве


Граѓаните на Скопје ќе имаат парно греење, прашање е само на што ќе работат топланите, дали на гас, што е основното сценарио, или на дизел гориво, за што се прават последните подготовки, изјави денеска првиот човек на државната АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

„Доколку нема прифатливи понуди, односно доколку нема компанија која што ќе понуди испорака на гас, значи доколку има нула количини, тогаш ние како ЕСМ се подготвуваме за работа на топланите на алтернативно гориво, тоа е дизелот“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, што ќе се случи доколку не се реализира набавката на природен гас.

„Значи, граѓаните на Скопје не треба да  се грижат, парно ќе има. Прашањето е само дали топланите ќе работат на природен гас или евентуално, таа е втората варијанта, обезбедени сме со опрема и со количини на дизел гориво, за да може да има непрекината испорака на топлинска енергија“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека првото сценарио е работа на природен гас, кое е и посакуваното сценарио и за ЕСМ и за граѓаните. Но, евентуално доколку нема можност да се испорача природен гас до државата, тогаш втора варијанта е алтернатива е работата на дизел гориво.

Тој вели дека е спроведена процедура, односно дека веќе се набавени потребните дизел пумпи. Системот кој што претходно работеше на мазут и кој еколошки е повеќекратно полош отколку работата на дизел, се санира, се чисти, а пумпите ќе бидат поставени деновиве. Така што, до 1 ноември компанијата ќе биде подготвена доколку нема испорака на природен гас да се работи на дизел.

„За количините на дизел ќе распишеме рамковна јавна набавка, доколку успееме и доколку обезбедиме средства, а доколку не – постојат и државни резерви. Согласно законот, дел од тие резерви ќе можеме да користиме, нормално како позајмување“, вели Ковачевски.

Тој уверува дека има време да се спроведат сите неопходни работи и дека вработените ги прават сите подготовки.

„Во текот на следната седмица ќе бидеме подготвени, значи пред први ноември. Потенцирам, доколку нема испорака на природен гас, топланите ќе работат на дизел гориво и граѓаните на Скопје ќе имаат парно греење“, уверува Ковачевски.

Инаку, како што посочува, во текот на изминатиот период биле остварени контакти со компании за да достават понуди за набавка на природен гас кој што ќе биде потребен за работа на топланите Исток и Запад, а доколку се склучи договор и за топланата Север, но исто така се бара гас и за ТЕ-ТО, доколку некој од добавувачите може да обезбеди, бидејќи за работењето на приватната гасна централа се потребни поголеми количества гас.

„Очекуваме во текот на утрешниот ден да стигнат повеќе понуди, ќе ги разгледаме. АД ЕСМ продажба има обврска да го набави природниот гас и да испорача кон консументите, тоа се топланите и евентуално ТЕ-ТО“, вели Ковачевски.

Тој додава дека за утре е најавена и понудата на еден од контактите на опозицијата, компанијата ПГО.

„Чекаме утре да има понуда и од нив. Веќе е контактирано и со Макпетрол, номинирани се количините од 1 ноември до 30 април, и очекувам дека и Макпетрол ќе се појави со понуда за овој период. Доколку има други компании ќе ги разгледаме сите понуди. Основен критериум ќе биде најниската цена. Компанијата која што ќе понуди најниска цена ќе биде прифатена, секако со гаранција дека тие количини ќе бидат испорачани и дека ќе бидат задоволени потребите на АД ЕСМ во делот на испорака на природен гас“, вели Ковачевски.

Тој додава дека во рамки на ЕСМ продажба имаат формирано комисија и се водат процедурите на отворен повик и најавна набавка, како и дека ќе се разгледаат сите понуди.

„Во текот на наредната недела, бидејќи понеделник е неработен ден, веројатно од вторник натаму, треба да се склучат договорите, затоа што стигнува 1 ноември кога треба да се почне со работа да се задоволат потребите на топланите и евентуално на ТЕ-ТО“, вели Ковачевски.

Побарувањето е за шест месеци, номинирани се и месечни количини и вкупно за шест месеци. Станува збор за околу 225 милиони метри кубнисе потребни за шесте месеци, доколку работи ТЕ-ТО и топланите Исток Запад и Север.

„Очекувам дека ќе има прифатлива понуда, во најмала рака барем за топланите затоа што не се големи количини“, вели Ковачевски.