Скелет на еден од најстарите диносауруси пронајден во Аргентина


Аргентинските научници, во Андите, пронајдоа речиси целосно зачуван скелет на нов вид диносаурус кој живеел пред околу 230 милиони години, што го прави еден од најстарите во светот, објави денес институтот Конисет.

Скелетот на овој вид, наречен „Huayracursor jaguensis“, е откриен од палеонтолошки тим од Конисет, аргентински јавен истражувачки институт, на надморска височина од 3.000 метри во северозападната аргентинска покраина Ла Риоха.

Откритието е објавено во списанието Nature. Видот живеел на крајот од тријасот, геолошкиот период во кој се појавиле првите диносауруси и предци на цицачи, велат истражувачите во соопштението.

Стар околу 230 милиони години
„Проценуваме дека Huayracursor мора да е стар помеѓу 230 и 225 милиони години, што го прави еден од најстарите диносауруси во светот“, објасни Агустин Мартинели, еден од авторите на статијата.

Откриениот диносаурус би можел да биде дел од еден вид тревопасни диносауруси што вклучуваат џинови со долги вратови. Истражувачите забележуваат дека возрасната единка била долга околу два метра и тежела околу 18 килограми.

Пронајдениот скелет се состои од делумен череп, целосен ‘рбет што се протега до опашката и речиси целосни предни и задни екстремитети.

Авторите на статијата веруваат дека овој фосил ќе стане репер за проучување на еволуцијата на диносаурусите, благодарение на фактот дека е пронајден речиси целосен.