Сивата економија и наоѓањето соодветен кадар остануваат предизвик за е-трговијата


 

Сивата економија во е-трговијата, наоѓањето соодветен кадар, како и одржувањето на нивото на цените како претходните години и намалената побарувачка, се најголемите предизвици со кои се соочуваат е-трговците.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска пред почетокот на петтото издание на конференцијата за е-трговија што се одржува под мотото „E-commerce: Accelerate!” изјави дека сивата економија останува предизвик за е-трговците и дека најчесто таа се манифестира преку нарачки на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за кои купувачите не добиваат фискална сметка, а институциите имаат слаби капацитети за ова да го следат и регулираат.

– Кога станува збор за имплементација и градење капацитети секогаш ни оди да речам доста бавно. Во однос на бројките, сивата економија и на глобално ниво, колку е тешка да се сузбие, толку е тешка и да се измери. Генералните бројки за целокупната сива економија во државата знаеме дека се доста загрижувачки, тука се вклучува и сивата економија на пазарот на труд и сивата економија во промет и во сите области, рече Ангеловска, додавајќи дека купувачите мора да се свесни дека никој не ги штити ако самите не се заштитат и да знаат од каде купуваат.

Во однос на денешната конференција, Ангеловска нагласи дека ова е најголемото издание досега на кое има над 600 учесници.

– Секоја година посветуваме внимание на квалитетна содржина и агенда или програма којашто е скроена согласно потребите на пазарот. Оваа година, темата е „E-commerce: Accelerate!”, бидејќи од годишната анализа што ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, Северна Македонија и земјите од регионот бележат прогрес.

– Нормално дека пандемијата поттикна значајно забрзување на тој раст, меѓутоа прашањето е дали е тоа доволно. Одговорот согласно податоците кои ги гледаме е дека темпото на развој не е доволно, односно неопходно ни е забрзување, рече Ангеловска.

Целта, како што нагласи, е да успееме да го забрзаме развојот и да се доближиме до развиените европски земји, бидјеќи во моментот, како што информира, на речиси сите графици согласно сите релевантни индикатори за е-трговија, државава и земјите од регионот се речиси на дното.

– На врвот сме само кога се работи за некои активности на интернет, како телефонирање, видео повици, користење на социјални медиуми. Анализата има интересни сознанија и факти каков е македонскиот купувач, што купува, каков е потенцијалот за развој, а денеска на конференцијата ќе зборуваме за тоа како бизнисите поттикнуваат менување на навиките на потрошувачите. Ќе разгледаме каква е ситуацијата во регионот и имаме четири главни траки кои вклучуваат испорачување на презентации и споделување искуство од 32 говорници кои доаѓаат од десет земји меѓу кои и претставници од „Гугл“ и од Тик-ток“, заклучи Ангеловска. 

 

Што покажува анализата за е-трговијата кај нас

Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во три месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу онлајн купува облека, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).

Ова го покажува последниот извештај на Асоцијацијата за е-трговија насловен „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји”, а кој денеска го презентираше претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска на петтото јубилејно издание на конференцијата за е-трговија под мотото „E-commerce: Accelerate!“.

– Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22 проценти повисока споредбено со првото полугодие во 2021. За охрабрување е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба, се вели во извештајот.

Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31 отсто од населението кое користи интернет, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66 проценти од Европејците го користат интернетот за е-банкарство.

Но, 85 проценти од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Црногорците отскокнуваат во учеството на социјалните мрежи, праќањето инстант пораки и читањето онлајн вести, Србите во барање информации за производи/услуги и информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место.

Иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во државава, сепак се уште сме рангирани на дното споредено со европските земји, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори.

– Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46 посто од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред, додава Ангеловска.

Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Ото Граф  вели дека поради тоа што земјите од регионот се релативно мали со мала популација, кога се размислува за е-трговија е многу тешко да се воспостават успешни бизниси на локално ниво.

– Задоволство е да се види дека Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија е најуспешната во регионот што ни причинува уште поголемо задоволство што можеме да учествуваме овде и прашање е како може да се подобри вашиот бизнис со користење на јавните инструменти. Мислам дека една од големите можности што ќе ги имате за време на оваа конференција е исто така да формулирате кои се вашите потреби и кои се вашите желби за подобрување на е-трговијата во иднина, рече Граф.

Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин информираше дека во 2021 година 90 проценти од луѓето помеѓу 16 до 74 годишна возраст користеле интернет во Европската Унија, додека 74 проценти од нив купувале продукти или услуги од интернет.

– Највисокиот обем на корисници кои купуваат продукти и услуги од интернет е во скандинавските земји, околу 90 проценти. Од друга страна, само 44 проценти од луѓето во Романија купуваат онлајн, 42 проценти во Бугарија, а во Северна Македонија само 30 проценти од интернет корисниците купувале онлајн во текот на минатата година, рече Худолин.

Исто така додаде дека земјите од Западен Балкан, како и генерално земјите на ЦЕФТА, се на дното на листата на овие статистики во Европа.