Сите пациенти од Кочани и Штип пренесени во Скопје, уште 26 треба да бидат испратени во други држави

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција информираше дека од тројцата нови пациенти од пожарот кои се пренесени од Кочани во Скопје, двајца се сместени во Клиничкиот центар, а едниот е сместен во „Осми септември“. Со тоа, во болниците во Кочани и во Штип нема пациенти од трагедијата во дискотеката.
-Тоа беше нашата стратегија, сите пациенти да ги повлечеме во Скопје и постепено сите да бидат во Клинички центар, за да бидат третирани на ниво на терциерно здравство, рече Таравари.
Тој информираше дека досега во Скопје се вкупно 84 пациенти, а до крајот на денот уште 26 треба да се испратат во други држави. Во Словенија четири, Хрватска четири, Австрија шест пациенти и Белград 12 пациенти.
До крајот на денот вкупно во земјава ќе останат 58 пациенти.
Таравари рече дека состојбата на сите пациенти досега е стабилна и е под контрола.