Сите дојави за бомби се дел од хибридна војна, вели експертот Ванчо Орданоски
Хибридна војна се води со воени и невоени средства и целта е да создава страв, несигурност и двоумење кај населението со ширење на лажни вести, на дојави, нешто што ќе се перципира како нестабилност. Ништо ново во поглед на таква војна. Во Македонија имаме историја на такви случувања со години наназад, вели Ванчо Орданоски од „Инфопроект“ во разговорот за „Цивилмедиа“ околу дојавите за бомби што веќе два месеци ги вознемируваат граѓаните.
Според него, оваа ситуација со дојавите за бомби е поразлична од претходните затоа што веќе сме во НАТО, кои имаат и сајбер команда, со своја испостава и во нашата земја.
Тој раскажува и како неговата компанија се соочува со вакви хибридни напади: „Во последно време се зголеми многу активноста за обиди на сајбер напади на македонски сајтови. Мојата компанија хостира многу високо фреквентни сајтови што се занимаваат со политика, но и со бизнис. Нашите систем администратори забележуваат многу зголемена активност на разни ботови што доаѓаат од Русија, но и од Кина, дури и од Западна Европа. Со санкциите на Русија ѝ е скратена прилично можноста за напади од самата Русија преку интернет, но од Западна Европа може да се прави тајно. Значи не се работи само за хибридни напади, како што дојавите за бомби“, вели Орданоски.
Иако НАТО е една од гаранциите за сајбер безбедност овде во Македонија, Орданоски претпоставува дека тие се занимаваат повеќе со воено, јавни закани, отколку за целокупната сајбер безбедност на државата.
„Не сум сигурен дека се преземаат сите мерки за сајбер безбедност и на ниво на држава, и на ниво на компании. Прилично наивно се гледа на тоа. Ако има некој свесен провајдер што ќе внимава или плаќа повеќе, ќе добие поголема заштита. Од причини што тоа е скапо, често компаниите тој дел сакаат да го прескокнат“, вели Орданоски.