Сите бегаат од францускиот предлог како од колера, помила им е фотелјата
СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сака да избга од дебата во Собранието за францускиот предлог бидејќи се плашат дека ќе се видат сите нивни лаги и измислици.
„Со последниот европски предлог имаме чист македонски јазик во ЕУ, без додавки и фусноти, македонскиот идентитет е целосно заштитен , а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. ВМРО-ДПМНЕ да не бега туку да учествува во дебатата во Собранието а дотогаш да се откаже од блокадите, деструкциите и крвавите сценарија со проруската Левица и Алијанса, кои не ум успеаја, порачаа од СДСМ.
Според нив пратениците од сите политички партии имаат одговорност да работат за граѓаните, а не за нечии туѓи интереси, и да обезбедат европска иднина на државата со зачуван македонски идентитет.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак продолжија да блокираат и останаа глуви на ваквите пораки. Тие повторуваат дека нема да дадат мнозинство за промена на Уставот и дека испраќањето на францускиот предлог во Собранието е политичка игра на власта.
„Практично преговараат за мртов предлог затоа што го немаат потребното мнозинство за отворање на Уставот. На овој начин се прави дополнителна поделба и дополнително формализирано понижување на македонскиот народ, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот Владо Мисајловски исто така тврдеше дека предлогот води до асимилацијата која се најавува преку промената на учебниците, на историјата и директното загрозување на идентитетот. Тој потенцираше дека власта води нетранспарентен процес во кој Собранието треба да биде само една парада.
„Сакам да порачам дека Парламентот не одлучува во овој момент апсолутно ништо. Ова е една парада, еден театар за да направат чек листа од владата дека навидум има некакви консултации во Собранието“- истакна Мисајловски.
Тој оцени дека Собранието нема никаква улога бидејќи ова е меѓувладина конференција.
„Тоа значи дека ќе се случи помеѓу владите. Затоа нека престанат со манипулации, нека престанат со лаги и на крајот од денот ова е македонски народ, треба да го види тој протокол што го кријат. Вие медиумите го немате протоколот, никој не знае што се преговара. Сакаме Македонија да биде стабилна, развиена земја, но никој да не не понижува, потенцираше Мисајловски.
Практично, ВМРО-ДПМНЕ и за овој предлог ја применува истата тактика како и со пописот и со Преспанскиот договор – бега од обврската да се изјасни јасно околу предлогот во Собранието, односно бега од обврската да донесе одлука, оставајќи ги СДСМ сами да решаваат а потоа да ги критикуваат. За разлика од тоа што се случува кај нас, во Бугарија изградија заедничка позиција сите партии во Парламентот, освен БСП и сите ја бранат во Брисел, без оглед што немаат ни влада во моментов.
Она што се гледа деновиве е дека сите политички актери, па и дел од владеечката коалиција, кокетираат со популизмот и повеќе сакаат да избегаат од одговорноста отколку да се изјаснат за предлогот што може да и однесе нешто од рејтингот. Подноставно кажано, на сите им е помила фотелјата од Македонија, а ништо чудно по тој пат да тргне и владеечкиот СДСМ, па да остане само ДУИ таа што ќе носи одлуки за Македонија.