Синот на норвешката принцеза (27) е уапсен под сомнение за силување


Мариус Борг Хоиби, 27-годишниот син на норвешката принцеза Мете-Марит, е уапсен под обвинение за силување, соопшти локалната полиција. Како што објави „Гардијан“, Хоиби е обвинет за кршење на законот кој се однесува на „сексуален однос со лице кое било во несвест или на друг начин не можело да се спротивстави“, се вели во соопштението на полицијата.

„Она што можеме да го кажеме е дека во овој случај се работи за сексуален чин без сексуален однос. Наводно жртвата не можела да се спротивстави на чинот“, велат од полицијата.

Борг Хоиби исто така беше приведен во август оваа година, откако беше обвинет дека ја нападнал својата 20-годишна девојка во нејзиниот дом и и се заканил дека ќе и ја запали облеката. Тој помина 30 часа во притвор, а се соочува со казна затвор до една година. Девојката е хоспитализирано поради потрес на мозокот. Норвешките медиуми објавија дека полицијата во тој момент пронашла заглавен нож во ѕидот од спалната соба на жената. Хоиби беше повторно уапсен во септември под сомнение дека ја прекршил забраната за доближување.

Во моментот на апсењето тој бил во автомобил со наводната жртва, односно неговата девојка. Во изјавата дадена преку неговиот адвокат, Хоиби призна дека долго време се бори со ментални нарушувања и зависност од дрога. „Се случи нешто што никогаш не требаше да се случи. Направив физички повреди и уништување на работите во станот под дејство на алкохол и кокаин по расправија. Имам неколку психички нарушувања и долго време се борам со злоупотреба на дрога, за што Бев претходно третиран.Сепак, моите состојби и зависност не го оправдуваат она што се случи. Подготвен сум да преземам одговорност и искрено да соработувам со полицијата. Најважно ми е да и се извинам на девојка ми. Таа не го заслужи тоа што и се случи таа вечер, ниту медиумскиот притисок што следеше“, се вели во соопштението.

Мариус е син на принцезата Мете-Марит од нејзиниот прв брак, додека неговиот очув е идниот крал на Норвешка, принцот Хакон. Неговите полубраќа и сестри се принцот Свер Магнус и принцезата Ингрид Александра.