Синот на Доналд Трамп на вечера во Белград со српски бизнисмени


 

Доналд Трамп Јуниор, синот на бизнисменот и кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, синоќа организирал вечера во еден белградски хотел со претставници на бизнис елитата во Србија.

Според порталот „Нова“, имало околу 50 гости, а тема биле инвестициите на Трамп во светот, пред сѐ во областа на недвижностите, хотелите и дигиталните медиуми, како и условите за водење бизнис во Србија и САД.

Како што пренесува изворот на порталот, синот на Трамп се осврнал и на американските избори и ветил значително подобри односи меѓу двете земји во случај неговиот татко повторно да стане претседател.

Изворот наведува дека иницијативата всушност потекнува од група бизнисмени од Србија и Романија, кои се и членови на романската Републиканска партија.

Меѓу нив е виден Воин Лазаревиќ, поранешниот сопственик на групацијата „Руднап“, која ја продаде „Ал Дахри“, а со него беше и Славко Цариќ, поранешниот претседател на Извршниот одбор на Ерсте банка и член на Надзорниот одбор на бакарната валавница во Севојно.

„Имаше многу деловни луѓе од Америка со српско потекло“, вели изворот на „Нова“.

Неколку соговорници кои присуствуваа на вечерата потврдија за порталот дека на средбата немало политичари, а никој не зборувал за уривањето на Генералштабот и изградбата на хотел во центарот на Белград, што е инвестиција на зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

„Доминираа деловните теми. Се зборуваше за инвестициите на Трамп низ светот“, вели еден од соговорниците кои присуствуваа на вечерата.

Како што наведуваат, се зборувало за атрактивноста на деловното опкружување во регионот и Србија, од перспектива на инвеститорите од САД, а особено за инвестирање во недвижности, хотели и дигитални медиуми.

На вечерата со синот на Доналд Трамп беше и Деско Никитовиќ, поранешниот генерален конзул на Србија во Чикаго и косопственик на валавницата за бакар во Севојно.

Тој за „Нова“ изјави дека Трамп помладиот им се обратил на гостите и зборувал за бизнисот и на Србија и на САД и за потребата и условите за негово подобрување.

„Тој зборуваше и за кампањата на неговиот татко и рече дека вкупните односи меѓу Србија и САД, и политички и економски, ќе бидат на повисоко ниво доколку Доналд Трамп победи на изборите. Рече дека добро се забавувал во Белград и дека пак ќе дојде“, вели Никитовиќ.

Доналд Трамп Јуниор е извршен потпретседател на Организацијата Трамп и ја води компанијата заедно со неговиот помлад брат Ерик. Нивната компанија работеше со странски влади во периодот кога нивниот татко Доналд Трамп беше претседател на САД, што наиде на неодобрување во американската јавност.

На Националната конвенција на Републиканците во 2024 година, тој го предводеше воведувањето на Џеј Ди Венс, која беше промовиран да биде кандидат за потпретседател на САД во случај на победа на Доналд Трамп.