Силна бура ги погоди Ирска и Шкотска

Лондон – Властите во Шкотска ги запреа возовите, ги затворија парковите и ги предупредија луѓето дека се приближува ретка летна бура проследена со многу силни ветрови во северниот дел на Велика Британија.
Метеоролошката служба на Велика Британија издаде портокалов ниво за опасни ветрови во Шкотска од бурата Флорис, што значи дека постои ризик за животот и имотот, особено од големите бранови во крајбрежните области.
Налетите на ветер би можеле да достигнат 137 км на час проследени со силен ветер. Бурата се приближува во најпрометниот период од годината за туризам, кога стотици илјади луѓе се собираат на фестивалот „Единбург Фринџ“ и други уметнички фестивали.
Железничките компании го откажаа железничкиот сообраќај низ поголемиот дел од Шкотска, а откажани се и дел од фериботски услуги.
Бурата Флорис би можела да влијае и на делови од Северна Ирска, Велс и северна Англија, соопшти Метеоролошката служба.
Шкотската министерка за правда и внатрешни работи Анџела Констанс ги повика луѓето да бидат внимателни ако патуваат.
„Погрижете се да имате топла облека, храна, вода, доволно гориво и вашиот мобилен телефон да биде наполнет“, рече таа.
Бурата Флорис донесе силни ветрови и на островот Ирска, при што околу 10.000 домови во Република Ирска се без струја, а временските предупредувања остануваат на сила од двете страни на границата, но се чини дека островот ќе биде поштеден од најлошото од бурата.
Неколку летови се откажани во Северна Ирска, неколку јавни згради се затворени, а мал број домови се без струја. Ветрови со брзина до 95 км/ч се регистрирани во Еглинтон и Магилиган во округот Лондондери, Северна Ирска. Аеродромот во Даблин соопшти дека летовите продолжуваат, иако „Емералд ерлајнс“ денеска откажа шест летови.