Силјановска во Карпош: Да излеземе во вториот круг за да донесеме право и правда во Македонија


Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова денеска имаше средби со граѓаните на општина Карпош, на кои им се заблагодари што ја поддржаа во првиот круг од претседателските избори со што, како што рече, и дале дополнителна сила за да победи, се со цел правдата да преовладее во државата.

– Потребно е во вториот круг дополнително да се охрабриме, да разговараме со нашите пријатели кои имаат различни причини за бојкот на изборите. Да им ја објасниме важноста на овие избори. Да ги убедиме да излезат и да гласаат за право и правда во Македонија, рече Силјановска.

Најави дека за таа цел лично ќе разговара со луѓето од „Бојкотирам“, како и со сите граѓани, без разлика на етничка, верска или каква било припадност.

– Силата на аргументите мора да победи. Вистината е на наша страна. Мораме да донесеме право и правда во Македонија. Време е, порача Силјановска пред граѓаните на скопската општина Карпош.

Таа рече дека на 5 мај граѓаните гордо за гордата Македонија ќе гласаат и ќе победи, бидејќи, како што рече, крајот на власта е на повидок, а нејзината победа веќе е на дофат.

Силјановска им вети на граѓаните дека кога ќе победи на претседателските избори ќе се избори „правото и правдината да завладее во Република Македонија и да се стави крај на заевизмот кој што нанесе само зло на државата“.