Силјановска им ветува на граѓаните дека нема да ги засрами


 

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова на вечерашниот митинг во Ѓорче Петров им порача на насобраните граѓани дека нема да ги засрами ако биде избрана за претседател.

„Ви ветувам дека нема да ве засрамам. Ќе се обидам да се надминам себеси, заради вас“, рече таа.

Во својот говор, таа меѓу другото, истакна:
„Македонија според Уставот е демократска, самостојна, независна и социјална држава! Во време на социјалдемократска власт, Македонија станува држава на социјални случаи! Секој ден се зголемува бројот на сиромашните луѓе. Дури и луѓе со знаење, со дипломи, луѓе кои би требало да бидат горда интелигенција, паѓаат на дното. А на врвот неколку семјества. На врвот неколку стотина луѓе кои не знаат што да прават со себе.

Доаѓа времето на отчетот, иако не гледам отчет од сегашниот претседател.
Времето на изборите е време на соочување со народот. Тој го дава легитимитетот, тој го враќа легитимитетот, тој го зема легитимитетот Суверенитетот исто така“.
Силјановска уште нагласи:

„Срамота е ненормалноста да биде нормална Срамота е да мислиме дека криминалот и корупцијата се природна појава! Не! Не се. Тие се катастрофа! Ама страшно е што се од карактерот на епидемија. Тие се вистинска елементарна непогода. Мора да сториме нешто за да си заминат“.