Силјановска-Давкова: Ние жените имаме потежок живот од мажите


Македонија има прекрасно име, во женски род е, не ѝ треба придавка. А, пред вас стои жена. На Македонија ѝ треба жена, на татковината ѝ треба жена. Јасно е жошто! Зошто ние имаме потежок живот од мажите, треба да докажуваме дека сме добри професорки, покрај добри мајки, добри другарки, и тоа нè прави посилни и побогати. Е сега дојде време да ги покажеме способностите, не само човечките, туку и женските, рече кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот централен митинг на партијата која ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Таа кажа дека жените ќе бидат доминатни во нејзиниот кабинет, а дека се надева оти ќе биде претседателка во чие време за првпат ќе има и жена генерал во Македонија.

„Тоа е фантастична шанса за прекрасните македонски мажи да докажат дека поддржуваат успешни жени. Така новите генерации ќе може да споредуваат што е разликата во владеењето оти ние не сме имале можност да ги покажеме своите способности“, рече Силјановска Давкова, која упати низа критики до власта.

„Дали е живот да бидете во врвот на најзагадените земји, дали е живот секој ден по еден лекар да си заминува од Македонија, дали е живот земјоделците за еден денар да ги продадат најубавите јаболка на светот, дали е живот сите да мислат да си заминат. Да тоа е нивниот живот, ама тоа што за нив е живот за нас е закана по нашиот живот. Доаѓа денот кога на гласачките кутии ќе го чујат народниот глас, а тоа ќе биде „не“ за нив, „да“ за нас“, рече Силјановска.

Таа потенцираше дека Владата има само четири министерки од вкупноте 26 министерски места.

„Замислете каков смисол за рамноправност, пардон нерамноправност! Победија и на локалните избори, ама само 6 градоначалнички се жени. Ако ги споредам овие бројки со нашето далечно минато, она насликано во химната на Македонија, не сме отишле многу далеку од АСНОМ. Затоа се потребни се радикални промени, дојде време за ние да покажеме дека ноторниот факт е дека работиме трипати повеќе од мажите и тоа нè направило трипати посилни. Сега таа сила ќе ѝ ја вратиме на државата, на Македонија. Зошто никогаш не ѝ била попотребна“, рече Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова рече дека дојде мигот кога сите треба да се соочат со катастрофалното двеиполгодишно владеење.

„Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, демократија, владеење на право, борба со корупцијата и криминалот, битка со непотизмот, очекуваше европеизација, ама таа не дојде. Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото, правдата е селективна ја стига само опозицијата, а никако да допре некој од власта иако секој ден слушаме на тони скандали, криминали, фамилијарни вработувања, веќе и не знаеме што значи скандал во оваа скандалозна балканска земја“, рече Силјановска Давкова.

Таа додаде дека во Македонија нема поделба на власта, а каде што нема поделба на власта нема демократија.

„Парламентот е во рацете на 81 пратеник, но тие не се пратеници. Тие само креваат раце, тие само ги потврдуваат веќе донесените одлуки во оваа зграда. А, во оваа зграда, власта не е распоредена на 26-мина. Некои не ни доаѓаат на работа и немаат проблем со тоа. Важно е да присуствуваат. Присуството им беше важно за да го сменат Уставот неуставно, за да организираат неуставен и незаконски  референдум, за да донесат неуставен и незаконски закон за амнестија, за да го сменат Кривичниот закони во потрага по гласови за промена на името“, рече Силјановска Давкова.

Таа ги повика граѓаните да гласаат за неа на 21 април и 5 мај, не заради неа бидејќи, рече, таа е реализирана жена, туку заради Македонија и демократијата.

„Не смееме да им оставиме простор за повторно парламентарни игри зошто ако нема цензус од 40 проценти ќе си го сменат Уставот, за нив постапката не е ништо тешко, не ја почитуваат и ќе си решат претседателот да се бира во Собранието. Погодете тогаш како ќе се бира претседателот, со пазар, сега нашиот, утре вашиот. Погодете тогаш кој ќе биде претседател? Сега власта што сега е кај претседателот ќе биде кај нив“, нагласи кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.