Сиљановска-Давкова: Македонската држава има насушна потреба од соработка со дијаспората


Македонската држава има „насушна потреба од соработка со дијаспората“, не само преку инвестиции, туку и преку знаењето и искуството, порача вечерва претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова на приемот во пресрет на традиционалниот Самит „Македонија 2025“, нагласувајќи дека „човек може физички да замине од својата земја, но таа не заминува од него“.

Обраќајќи се пред присутните, претседателката истакна дека географската оддалеченост не значи и духовно оддалечување од татковината, нагласувајќи дека припадниците на дијаспората и натаму се силно поврзани со Македонија.

– Глеткава пред мене е јасна и силна потврда дека географската дистанца не мора да значи и духовно оддалечување од татковината. Пред себе гледам луѓе кои, иако не живеат тука, се уште имаат емоција, чувство, па и гордост, на припадност, истетовирана во нивните срца од предците – истакна Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека и покрај гордоста од успехот на македонските професори, лекари, инженери, научници и претприемачи во странство, државата има потреба од посилна и подинамична соработка со нив.

– Македонската држава има насушна потреба од соработка со дијаспората, не само преку бизнис инвестиции, туку и преку знаењето, искуството и контактите што Македонците ги создаваат низ светот- нагласи претседателката.

Говорејќи за современите предизвици, таа укажа дека во време на забрзани технолошки и геополитички промени, конкурентноста на државата зависи од човечкиот потенцијал и неговото правилно искористување, при што ја истакна важноста од проектите на „Македонија 2025“, како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност.

Сиљановска-Давкова нагласи дека дијаспората денес не е хомогена структура, туку динамичен простор составен од различни генерации, посочувајќи дека особено охрабрувачки е сè поголемиот интерес на младите родени во странство за македонскиот јазик, култура и традиција.

На свеченоста претседателката им честиташе на годинешните добитници на признанието „Македонија 2025“ – д-р Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски – истакнувајќи дека нивната работа остава траен белег во земјата и во меѓународни рамки и претставува силна мотивација за идните генерации.

Признанието во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на националните и државни интереси и капацитети.

На настанот се обратија и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски, член на Одборот на директори на Македонија 2025, како и Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, добитници на признанието за придонес на припадниците на дијаспората.