Сиљаноска-Давкова: Потребна е реформирана финансиска политика и почитување на квалитетот за да ги задржиме најдобрите инженери


Инженерите не само што ја обликуваат сегашноста, туку тие ќе ја проектираат и иднината. Тие го движат светот, ние државата, образовните и научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, сме должни да помогнеме да го реализираат она што го поседувате, највредното – знаењето. Тоа го истакна денеска од Охрид претседателката на Републоика Македонија Гордана Сиљаноска – Давкова на доделувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“ на 14 млади инженери од различни области. 

Доделувањето на инженерските прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, според претседателката, не е само сатисфакција за младите инженери, туку и дополнителен потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно доусовршување.

– Но, тоа е и чин кој го промовира инженерството и кој треба да го потсети општеството за човечкиот потенцијал кој го поседуваме и за кој треба да направиме сè да продолжи да создава и да напредува во својата татковина, рече Сиљановска-Давкова.

На младите инженери,  им посака да продолжат да ги следат своите соништа и да ги реализираат идеите и визиите. 

– Тоа што доаѓате од навидум мала земја не значи дека не можете да имате големи соништа и идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. затоа ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика. Не е можно да ги задржиме најдобрите и најперспективните, без соодветна пред се реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка на квалитетот, заклучи Сиљаноска-Давкова. 

Европските стандарди, спордд неа, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научни институции. 

– Мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи, каде што не нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на мрежата, концентрирајќи се на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на етно-партиска заднина што продуцира образовна и научна мимикрија, наместо валидно образование и наука. Нам ни требаат европски критериуми за градење академска кариера, интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар, рече претседателката на државата. 

За да имаме дигитална иднина, нагласи, ни треба стратегија како да се задржи дигиталната младина тука, или во постојан контакт, интегрирајќи ја, како постојан сегмент на општествениот развој.

– Мора похрабро да ја зголемиме поддршката на научните истражувања, да ја осовремениме научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да го олесниме пристапот кон базата на податоци, да ги стимулираме фундаменталните истражувања, истакна Сиљаноска-Давкова. 

Претседателот на Инженерската институција на Македонија Андреј Лепавцов на младите инженери им порача дека прстенот што од денес ќе го носат не е само прознание, туку обврска да ги применуваат своите знаења. 

– Да поставувате стандарди на квалитет, да размислувате долгорочно, да не заборавите никогаш дека инженерството е професија во служба на општеството. Македонија има потреба од вас не само како експерти, туку како гласни и храбри мислители, како визионери што ќе ги движат нашите индустрии, ќе го модернизираат нашето образование и ќе придонесуваат за одржлива и конкуретна економија, вашата мисија започнува сега и не е мала, рече Лепавцов.

За претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, Кристинка Чулак, најдобрите дипломци од инженерските факултети во Македонија, се доказ дека трудот, знаењето и посветеноста секогаш наоѓаат пат до признание. Инженерскиот прстен, според неа, не е само симбол на академски успех, туку знак на доверба дека се подготвени не само да ја носат титулата инженер, туку да ја понесеат и одговорноста што таа ја носи.

– Вашата задача е да создавате чуда кои ќе им служат на луѓето и ќе ја унапредуваат нашата заедница. Вие денес стоите на темелите поставени од вашите професори и од сите генерации инженери пред вас. Но, од вас очекуваме да гледате уште подалеку и да создавате нови хоризонти, поместувајќи ги границите, истакна Чулак.

Признанието, нагласи, нека биде почеток на новата патека, исполнета со предизвици и можности, која им овозможила да остават трага во општеството и во историјата на инженерството во Македонија и пошироко.

– Каде и да ве одведе животот, секогаш грижете се за својата родна земја. Бидете примерни и чесни граѓани на нашата татковина секогаш и секаде, затоа што Македонија се надева на вашата професионална поддршка, а нејзината инженерска иднина од денес лежи на вашите плеќи, им порача Чулак на младите инженери.

Во име на добитниците на признанието, Харитина Сакова истакна дека инженерски прстен за нив е многу повеќе од еден прстен.

– Тој претставува ветување дека знаењето кое го стекнавме овие неколку години нема да остане неискористено, туку ќе прерасне во градење и развој на општеството и науката. Се надевам овој прстен доделен од Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери за сите нас ќе биде потсетник дека секоја идна дејност што ќе ја започнеме мора да биде изградена на темели на одговорност и почит кон човекот и природата. Убедена сум дека низ нашата кариера чекорејќи низ инженерските патишта ќе ја оправдаме честа која ние укажана, рече Сакова.