Силен украински напад на руска територија – ноќеска пуштени над 200 дрона, дел кон Москва и Санкт Петерсбург


Москва – Русија денеска информираше дека во текот на ноќта соборила 221 украински дрон во еден од најголемите напади на украинската армија во 3,5-годишната руска агресија врз Украина.

Нападот се случи во пресрет на почетокот на големите руско-белоруски воени вежби што се одржуваат во близина на Минск.

Од беспилотните летала што беа „пресретнати и соборени“ од противвоздушната одбрана, девет беа во московската област, а 28 беа во областа на Санкт Петербург, вториот по големина град во земјата, објави Министерството за одбрана преку Телеграм.

Во северозападната област на Санкт Петербург, далеку од фронтот и блиску до балтичките земји и Финска, брод беше запален во пристаништето Приморск на Балтичкото Море, изјави гувернерот Александар Дрожденко.

Гувернерот додаде дека пожарот е под контрола и нема ризик од истекување на нафта.

Додека руската армија ја бомбардира Украина секој ден откако ја нападна во февруари 2022 година, Киев, од своја страна, испраќа беспилотни летала кон Русија во текот на ноќта.

Во последните недели, украинската војска ги концентрираше своите напади врз нафтената инфраструктура, клучен сектор на руската економија што Западот сака да го санкционира.

Нападите беа во голема мера ограничени на неколку десетици беспилотни летала.

Масовниот напад со беспилотни летала на Украина се случи два дена откако руските беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на земјата-членка на НАТО, Полска, предизвикувајќи тревога кај нејзините европски сојузници.

Полска, Литванија и Летонија, исто така, членки на НАТО и соседи на Белорусија, ја зајакнаа својата безбедност и го ограничија воздушниот сообраќај пред денешниот почеток на заедничките маневри меѓу Русија и Белорусија во близина на Минск