Си-ен-ен: Воената хунта во Мјанмар го укина Интернетот и приведува новинари


 Владејачката воена хунта во Мјанмар ги укина сите Интернет услуги до ново известување, што претставува обид да се стават под контрола комуникацијата и пораките во земјата, јави Си-ен-ен.

Демонстрантите кои секојдневно протестираат против воениот удар од 1 февруари користат Интернет за да ги организираат своите собири, а во петокот повеќето граѓани на Мјанмар останаа без пристап до Интернет откако телекомуникациските компании добија упатства од Министерството за транспорт и врски да ги запрат безжичните интернет услуги .

Си-ен-ен наведува дека извештаите на ООН покажуваат дека паралелно со запирање на протокот на информации, безбедносните сили во Мјанмар привеле десетици новинари, како и граѓани кои разговарале со медиумите.

Хјуман рајтс воч во петокот соопшти дека стотици луѓе, политичари, избрани службеници, новинари, активисти и демонстранти исчезнаа за време на военото владеење од 1 февруари.

Здружението за помош на политички затвореници (ААПП), со седиште во Тајланд, наведува дека најмалку 543 лица биле убиени во насилствата врз демонстрантите против воениот удар во Мјанмар, пренесува Си-ен-ен.