Шведски лекар: Секој ден фрламе стотина дози „АстраЗенека“

Стотина дози од вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19 се фрлаат секој ден во Стокхолм, затоа што жителите одбиваат да се вакцинираат со нив, рече шведскиот лекар Јохан Стируд во понеделникот за телевизијата СВТ.
Тој е од лекарското здружение на шведската престолнина и вели дека нема доволно доброволци за „АстраЗенека“, па вакцините мора да се фрлат ако не се искористат во рок од неколку часа.
Во Шведска, давањето на британско-шведската вакцина е ограничено на постари од 65 години, откако низ цел свет се забележани ретки случаи на згрутчување на крвта како нуспојава од примањето на таа вакцина.
СВТ пренесе дека дел од пациентите го откажуваат закажаното вакцинирање кога ќе дознаат дека ќе примат „АстраЗенека“ вакцина.
Стируд, како и Европската агенција за лекови ЕМА и Светската здравствена организација СЗО, нагласува дека добробитта од таа вакцина е многу поголема од ризикот, па ги повика луѓето да се вакцинираат.
Одбивање на вакцината „АстраЗенека“ забележано е и во други земји.