Шведска е најиновативната земја во ЕУ, Романија најмалку


Годишната евалуација на Европската комисија за состојбата со иновативноста во земјите членки на ЕУ покажува подобрување на перформансите речиси секаде и покрај истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, со Шведска како водечка земја, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Унија ги надминува САД втора година по ред, но сѐ уште е далеку од иновативните гиганти како Јужна Кореа и Јапонија, констатира анализата на Европската Комисија.

Евалуацијата се фокусира на инвестициите во истражување и развој што ги прават земјите членки како и степенот на интеграција на иновативноста во јавните политики. За Брисел, овој сектор ќе биде уште повеќе клучен во периодот на економска криза пост-ковид.

Извештајот покажува подобрување на овие политики во сите 27 земји на ЕУ, како и сѐ поголем степен на изедначување помеѓу нив. Шведска останува лидер по иновации во Унијата, следуваат Финска, Данска и Холандија. А годинава за прв пат им се придружуваат Луксембург и Португалија.

Во просек иновативниот перформанс на земјите членки е зголемен за 8,9 отсто, со најголемо подобрување во Литванија, Малта, Португалија и Грција. Најслаби резултати покажуваат Романија, Бугарија и Хрватска.

Гледано по сектор, Шведска е најсилна во човечки ресурси, Португалија во мали и средни претпријатија, Данска води за животната средина, а Германија за инвестиции во фирми.

На глобалната сцена ЕУ води пред САД, Кина, Бразил, Русија, Јужна Африка и Индија, но сѐ уште не може да ги стигне Јужна Кореа, Австралија и Јапонија.