Швајцарци, Французи, Италијанци, Срби, Босанци меѓу повредените во Кран-Монтана
Најмалку 80 од повредените во пожарот во барот „Контелејшн“ во Кран-Монтана, се во сериозна, животозагрозувачка состојба, а повредени се најмалку 119 луѓе. За 113 се знае нивната националност, додека за шестмина уште не е позната. Дали Македонецот Стивен Ивановски е меѓу нив, нема информации.
Incredible to watch these people filming the #CransMontana fire. Survival instinct goes downhill when likely impaired by alcohol. pic.twitter.com/LBklyxIjMH
— Scott (@RandomHeroWX) January 2, 2026
Попладнево надлежните во Швајцарија држат прес-конференција на која ги изнесуваат познатите детали.
Најмалку 119 лица повредени
Шефот на кантонот Вале, Матијас Рејнард, го започна своето обраќање изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите, повредените и оние кои сè уште чекаат вести за судбината на нивните најблиски.
Тој потврди дека најмалку 119 лица се повредени во пожарот, а околу половина од нив се лекуваат во болница во кантонот Вале.
Зборувајќи за ситуацијата, Рејнард го истакна „неподносливото чекање“ низ кое минуваат семејствата и пријателите на жртвите.
– Ова е трагедија за Вале. Ова е трагедија и за Швајцарија и за цела Европа, додаде тој.
– Судбината на околу 150 лица се претвори во ужас, рече тој, додавајќи дека најважната задача во моментов е да се идентификуваат сите жртви.
Според него, од 119 повредени, досега се идентификувани 113.
Националностите на некои од жртвите веќе се утврдени. Меѓу нив се 71 швајцарски државјанин, 14 француски, 11 италијански, четворица српски, еден државјанин на Босна и Херцеговина, еден белгиски и еден португалски државјанин.
80 лица во критична состојба
Претседателот на кантонот Вале изјави дека најмалку 80 од 115 повредени се во критична состојба. Точниот број на смртни случаи сè уште се утврдува.
Според агенцијата Франс-прес (АФП), бројот на жртви може да се зголеми. Претседателот на кантонот, Матијас Рејнард, изјави за регионалниот весник „Вализер Боте“ дека најмалку 80 од повредените се во сериозна, животозагрозувачка состојба.
Околу 50 повредени ќе бидат префрлени во други европски земји на лекување
Околу 50 лица повредени во пожар во швајцарски ски-центар ќе бидат лекувани во болници надвор од Швајцарија, каде што ќе им биде обезбеден специјализиран третман, потврди Матијас Рејнард.
Станува збор за пациенти со сериозни повреди, главно изгореници, поради што швајцарските власти одлучија дел од нив да ги префрлат во специјализирани европски центри. Трансферите веќе започнаа, а првите повредени се испратени во болници во Франција, по контактите со францускиот министер за здравство.
Покрај Франција, Италија исто така понуди помош во лекувањето на повредените, па дел од пациентите ќе бидат префрлени во болници на северот од земјата, објави Рејнард.
„Идентификацијата е апсолутен приоритет“
Сега се огласи и Пјер-Антоан Ленген, началник на швајцарската судска полиција.
Тој нагласи дека идентификувањето на мртвите е апсолутен приоритет во овој момент, додавајќи дека речиси сите кантонални полициски оддели се вклучени во процесот.
Надлежните органи, рече тој, можат да се потпрат и на структура позната како DVI, швајцарскиот систем за идентификација на жртвите од катастрофата, во кој учествуваат полиција, форензички експерти, лекари и стоматолози.
Ленген потсети дека овој систем се користел и во 2004 година, по цунамито во Индискиот Океан, кога меѓу жртвите имало швајцарски државјани.
– Нема простор за грешки. Мора да ги вратиме точните останки на семејствата, рече тој.
Пожарот најверојатно бил предизвикан од прскалки
Јавната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пилу, изјави дека обвинителството прави сè што е можно за да ги утврди околностите на овој трагичен настан.
Според досегашните информации, пожарот, вели таа, најверојатно бил предизвикан од прскалки, или факели, кои биле поставени на шишиња шампањ.
– Ракетите биле подигнати премногу блиску до таванот, што довело до ненадејно и многу брзо ширење на пожарот, објасни таа.
Таа додаде дека се добиени видео снимки и дека веќе се спроведени неколку интервјуа со сведоци.
Меѓу интервјуираните лица биле двајца француски менаџери на барови.
– Ќе можеме да утврдиме дали постои кривична одговорност за овој инцидент. И доколку се покаже дека таква одговорност постои и ако овие лица се живи, ќе бидат покренати сите потребни истраги за небрежно палење, убиство од небрежност и нанесување тешки телесни повреди од небрежност, рече таа.
Нема законска основа за забрана за напуштање на сопствениците на ноќни клубови
На прашањето на новинарите дали постои ризик сопствениците на баровите да ја напуштат Швајцарија, државната обвинителка Беатрис Пилу не сакаше да даде детали. Таа нагласи дека во моментов нема кривична одговорност, поради што нема законска основа за ограничување на нивните движења или воведување мерки како што е забрана за напуштање на земјата, објавува „Блик“.