Што, всушност, заплени Царината: Обврзниците не гласеле на лицето што ги носело

Познавачи со работењето на пазарот на капитал се изненадени од фактот дека некој се обидел да внесе обврзници во хартиена форма


 

Заплената на 184 обврзници по 500 илјади долари секоја, или во вкупен износ од фантастични 92 милиони долари, што вчера го обелодени директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, побуди голем интерес во јавноста, но отвори и низа прашања кај граѓаните и кај професионалците за хартии од вредност.

Богоев во интервју за ТВ21 вчера изјави дека турскиот државјанин кај кој што биле откриени обврзниците давал конфузни одговори, што предизвикало сомневање кај цариниците дека нешто крие, како и дека неговите лични податоци не се совпаѓале со оние на обврзниците.

Од друга страна пак, познавачи со работењето на пазарот на капитал се изненадени од фактот дека некој се обидел да внесе обврзници во хартиена форма, имајќи предвид дека и кај нас и во светот, веќе подолго време хартиите од вредност (како акции, обврзници, записи итн) се дематеријализирани, односно се во електронска форма.

Тоа кај нас е сторено уште во 2001 година со формирањето на Централниот депозитар, така што сите видови на хартии од вредност, било да станува збор за акции издадени од компании, или обврзници издадени од државата (како за денационализација или најновите граѓански обврзници) или пак за корпоративни обврзници, сите се во електронска форма. Дел од соговорниците велат дека поседуваат акции и обврзници во хартиена форма, но тие ги чуваат како колекционери и освен таква, колекционерска вредност (слично на филателистите) немаат никаква друга вредност.

На прашањето дали и во Турција е иста состојбата, одговараат дека Турција е една од земјите во која пазарот на капитал и тргувањето со хартии од вредност е на извонредно високо ниво, па за нив би било големо изненадување доколку е поинаку.

Сепак, се воздржуваат од било какви коментари бидејќи не е соопштен издавачот на обврзниците, рокот на доспевање, како и другите елементи како каматата и слично. Како што додаваат, во светот не се непознати обиди за разни измами со хартии од вредност, кои се практично безвредни, и со кои измамници се обидуваат да „навлечат“ луѓе желни за брза заработка да ги купат за значително пониска цена од номиналната.

Од Царинската управа вчера на прес-конференцијата не прецизираа кој е издавачот на обврзниците, дали некоја банка или пак компанија, кога е рокот на доспевање и слично, а до пишувањето на текстот не одговорија и на прашањата кои вчера ги поставивме електронски.
Богоев за ТВ21 појасни дека главен сомнеж кај цариниците предизвикало скенирањето на торбата, како и одговорите кои потоа ги добиле од патникот.

„На скенерот се гледаат папки, се прават дополнителни контроли и се пронаоѓа ова. Потоа се разговара со човекот и доаѓаме до ситуација во која во неколку наврати се добиваат конфузни одговори од патникот кој што ги носи. Одговорите не се конзистентни, приказната не е конзистентна, често пати варира и е различна а во тоа има одредена разлика …“, рече Богоев.

Тој додаде дека цариниците при контролата поставуваат прашања од типот „каде одите, останувате ли во Скопје, останувате ли во Македонија или одите транзит, каде ќе престојувате, што работите…

Дополнително има разлика помеѓу името и личните податоци на патникот на патните документи и името и податоците на сопственикот на обврзниците. Практично, не се работи за исто лице. Односно, не биле на негово име“, рече Богоев.

Како што посочи, сите овие работи на Царинската управа ѝ даваат дополнителна основа да почне финансиска истрага, а планот е да се вклучат и други државни институции, обвинителства, финансиска полиција, можеби финансово разузнавање, Народната банка, а веќе се контактирани Интерпол и со СЕЛЕК, како и други меѓународни партнери кои проверуваат по разни основи.

„До сега ништо не се поврзува со Македонија ниту со македонски граѓани. Горе долу, сѐ е поврзано со странски банки, со странска фирма, странски државјани, единствено што се лоцираат тука и пристигнуваат на наше тло, односно на скопскиот аеродром. Оттука, секоја меѓународна помош е добредојдена и затоа се подлежи на детални и сериозни проверки“, рече Богоев, додавајќи дека и да се работи за обид за измама со обврзниците или за обид за перење на пари или финансирање на било какви нелегални активности, а можеби за ништо од ова не се работи, Царинската управа е должна тоа детално и темелно да го провери.

Богоев со дел од запленетите обврзници

Истрагата ќе покаже дали во целата приказна, имало и некои скриени мотиви со овие хартии од вредност.

Според Законот за девизно работење хартии од вредност се акции издадени од акционерски друштва и од командитни друштва со акции, акции од инвестициските фондови кои работат согласно со закон, обврзници, инструменти на пазарот на пари, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инструменти кои според Комисијата за хартии од вредност се сметаат за хартии од вредност. Овие хартии од вредност се неограничено преносливи.

Во истиот закон исто така се пропишува и дека резидентите и нерезидентите при преминот на државната граница должни се износот на ефективни домашни и странски пари, чекови и монетарно злато кои ги внесуваат или изнесуваат над утврдените износи, задолжително да го пријават кај надлежните царински органи. Пријавувањето на ефективни странски и домашни пари и чекови се врши на обрасци пропишани од министерот за финансии.

Во овој член на Законот не се споменуваат обврзници.

Нашите соговорници велат дека за изнесување од земјава до 2.500 евра во готовина, не е потребен никаков доказ од банка, кој пак е неопходен за суми до 10 илјади евра. Сето над ова се смета за нелегално изнесување, и цариниците во таков случај го одземаат вишокот на средства.

Богоев во интервјуто посочи дека при премин на државната граница треба да се пријават средствата.

„Откако ќе ги пријавите, ќе извршите разговор со нашите службеници, ќе треба да докажете дека се ваши, потеклото и слично и потоа нормално може да располагате со нив“, вели тој.
Доколку, пак, некој ги крие и не ги пријавува тоа веднаш предизвикува сомневање зошто е тоа така и најчесто е причина царинските службеници да почнат со посериозни истражни дејствија како во конкретниот случај.

Тој вели дека станува збор за преносливи средства за плаќање, како дека во светот сега е тренд, непопуларен, преку такви средства да има можности за измама или за перење на пари.

„Јас не прејудицирам дека во нашиот случај е тоа, меѓутоа ние како Царинска управа сега отвораме финансиска истрага за да видиме дали се работи за евентуална измама, обид за измама на некого или за евентуално перење на пари“, рече Богоев.

Инаку, Основниот суд Скопје вчера донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна глоба врз основа на Законот за девизно работење. Обврзниците ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.