Што треба да направи ЕУ за да стигне од реторика до проширување?


 

Дебатата за проширувањето на ЕУ не престанува, ниту пак покажува знаци на забавување. Од војната на Русија во Украина, досието бележи метеорски скок на агендата на ЕУ и стана тема на разговор  во Брисел и во главните градови на земјите-членки.

Перцепцијата дека проширувањето стана геополитички императив кој им служи на основните безбедносни интереси на ЕУ делумно ја објаснува трансформацијата на политиката во политички приоритет. Во исто време, зголеменото внимание на проширувањето се должи на мноштво манифестни, поларизирачки и непријатни прашања – некои долгогодишни (на пример, капацитетот за апсорпција на ЕУ), некои понови (на пример, „прашањето за Украина“) – кои би можеле да ги спречат изгледите за внесување на уште десет членки во редовите на ЕУ.

Влогот е голем: ако ЕУ не се соочи со предизвикот за проширување, таа не може да влијае на појавата на нова безбедносна архитектура. Земјите-членки ќе продолжат да разговараат и редовно да се состануваат за проширувањето во наредните месеци, но клучното прашање е – што ќе направат за да се реши дилемата за проширувањето, бидејќи само конкретна акција може да му даде кредибилитет на тековниот разгово. А, тој  треба да следи три стратешки линии: (1) градење консензус, (2) планирање однапред и (3) распределба на ресурси за проширување.

Презентирајте заеднички фронт

Институциите на ЕУ и земјите-членки треба да бидат на иста страна во нивната комуникација и во напорите за проширување. Во иднина, најдобро е да се избегне недостатокот на координација како што се појави во ЕУ околу целниот датум за проширување во 2030 година, што го објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во август. Поентата е дека поделена куќа не може да оствари таква страшна цел како што е проширувањето во моментов. Јавните расправии го нагласуваат јазот помеѓу силната политичка реторика и капацитетот на ЕУ да го унапреди процесот на проширување до крај.

Европските лидери веројатно никогаш нема да ги согледаат сите аспекти од оваа политика, но тие не треба да дозволат внатрешните борби да излезат во јавноста и да фрлат сомнеж дали ЕУ има или дали може да испорача непоколеблива визија за заедничка иднина со земјите кандидати за членство. Пред крајот на актуелниот мандат, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, заедно со претседателот Мишел и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, треба да свикаат меѓуинституционална конференција за проширувањето на ЕУ и да се обидат да ги соберат сите зад заедничкиот фронт.

Предвидете ги сите чекори од патот

Со или без договор за конкретен рок, ЕУ треба да формулира сеопфатен план кој јасно ги опишува задачите, пресвртниците и приоритетите кои ќе го дочекаат проширувањето. Земјите аспиранти сè уште имаат своја „домашна задача“ да ја завршат, но, крајно време е ЕУ да почне  со подготовките.

За многумина, ЕУ со 30+ членки покренува легитимни прашања за управувањето. Проширувањето на ЕУ со уште десетина земји неизбежно ќе влијае на рамнотежата на силите, на гласачките права и на внатрешното одлучување. Предизвикот не е само во бројките – на пример како да се осигура дека земјите нема да ги блокираат политиките и како да одлучуваат кој добива/или не добива комесар. Има, исто така, проблем на големина, имајќи предвид дека населението на Украина е над 43 милиони, во споредба со 15 милиони во сите балкански земји. Политиките на ЕУ, како што е заедничката земјоделска политика, или структурните/регионалните политики и нивното финансирање ќе треба да се ревидираат. Дискусиите во моментов се фокусираат на проширување на гласањето со квалификувано мнозинство во надворешната и безбедносната политика, или на постепено вклучување на гласачките права за земјите од проширувањето за да се забрза интеграцијата и да се ублажи нивното влијание врз одлучувањето во ЕУ.

Потенцијалните компромиси меѓу демократското владеење, безбедноста и стабилноста дополнително ги комплицираат овие размислувања. Континуираните проблеми со демократијата во постојните земји-членки предупредуваат на ризикот од увоз на повеќе од истото доколку се приклучат сегашните аспиранти. Слично на тоа, приемот на членки кои се вмешани во активни конфликти или заплеткани во замрзнати, има безбедносни импликации за ЕУ. Помирувањето на долгорочното размислување со краткорочните императиви станува најважно.

За да се подготви за проширувањето, ЕУ треба да се соочи со сите овие и други предизвикувачки прашања, да води тешки разговори, да ги идентификува прашањата што сè уште не се на нејзиниот радар, но и да разгледа различни сценарија за развој на  безбедносната состојба и  последиците од неа, барајќи решенија на краток и среден рок за да се избегнат поголеми проблеми во иднина. За таа цел, и пред крајот на тековниот политичко-институционален циклус, Европскиот совет треба да се потпре на советите на Советодавната група на високо ниво  и да и даде мандат на Групата мудреци, вклучувајќи  искусни политички тешкаши и претставници на помладите генерации кои ќе направат список на основни иновации во политиката, ќе идентификуваат начини за подобрување на структурата на управување на ЕУ и ќе направат амбициозна реформа. Доколку земјите-членки чекаат да дејствуваат по претстојните избори за Европскиот парламент, веројатно ќе биде потребно долго време за да се позиционираат институциите на ЕУ.

Овој итен план за реализација на проширувањето мора да биде  антиципиративен и јасен за тоа што ќе треба да се направи, вклучувајќи и реформа на основниот договор. Исто така, можно е да бидат потребни неколку рунди на реформи, како што се случи пред големото проширување со договорите од Ница и Амстердам, како и Конвенцијата за иднината на Европа, кои претходеа на Лисабонскиот договор. Чекањето да се создаде висок притисок пред земјите-членки да одлучат да започнат акција може да доведе до дополнителни и контрапродуктивни одложувања. Наместо тоа, подготовките треба да започнат сериозно бидејќи успехот на проширувањето зависи од тоа.

„Ставeте ги парите таму каде што ви е устата“

Доколку ЕУ и нејзините земји-членки успеат да осмислат веродостоен план за спроведување на проширувањето , во тој случај ќе треба да обезбедат  соодветни ресурси. ЕУ треба да ја удвои својата економска и експертска поддршка за земјите кандидати за  проширување. Нудењето на потенцијалните членки поголем пристап до фондовите на ЕУ или влез во единствениот пазар, во дигиталниот пазар, во  зелениот договор, во индустриската политика или во надворешната и безбедносната политика ќе ги прошири важните придобивки пред пристапот. Но, ваквите секторски договори не треба да станат алтернатива на полноправното членство во ЕУ или да промовираат „Европа со повеќе брзини“ на долги патеки.

Дополнително, ЕУ треба да мобилизира експертска поддршка за да им помогне на земјите од проширувањето конечно да ги решат прашањата кои долго време го условуваат напредокот (на пример, слабото владеење, државноста, билатералните спорови и помирувањето). За да развие функционални решенија што ќе бидат применливи локално, ЕУ треба да побара поддршка од граѓанското општество и да се потпре на консултации со граѓаните. Паралелно, ЕУ треба да размислува за внатрешните механизми што ќе и овозможат да се справи со ситуации во кои претпристапните поправки не траат или да прифати земји кои на крајот не успеваат да најдат ефективни решенија. Во оваа смисла, ЕУ треба да инвестира, на пример, во развојот на демократското acquis или да го зајакне спроведувањето на предложената „клаузула за доверба“ во случај на прекршување на условите.

Предизвикот за спроведување на проширувањето е реален, но тоа е и можност за ЕУ ​​да расте по големина и глобална величина. Дали ЕУ ќе ја искористи шансата?

(Корина Стратулат и  Теона Лаврелашвили од Центарот за европска политика во Брисел)