Што сè треба да направи еден матурант за да заврши средно образование и да се запише на факултет?


Фото; Б. Грданоски

Завршувањето на средното образование во Македонија е регулирано со закон и вклучува повеќе обврски кои средношколците-матуранти мора да ги исполнат за да стекнат сертификат или диплома и евентуално да продолжат на високо образование. Според Законот за средно образование, на учениците им претстојат задолжителни испити, проектни задачи и административни постапки кои се клучни за добивање на статусот матурант и за упис на универзитет.

Државната матура е наменета за сите средношколци од гимназиското и од четиригодишното средно стручно образование. Покрај тоа што претставува завршен дел на средното образование, има за цел да послужи и за селекција на кандидатите за запишување на високото образование.

Државната матура во земјава започна да се реализира во 2008 година и оттогаш претрпе неколку измени.

И додека во подготовка е нов концепт за полагање на државниот матурски испит, и оваа учебна година остануваат да важат правилата од изминатите.

Во Концепцијата за матура за средното образование се предвидени три модели на испити: државна матура, училишна матура и завршен испит.

Учениците во гимназиско и во уметничко образование може да изберат да полагаат државна или училишна матура, додека оние од четиригодишно средно стручно образование бираат помеѓу државна матура и завршен испит.

Заедничко за сите видови на испити е што секој од нив се состои од три дела – задолжителен дел, изборен дел и проектна задача.

 

Државна матура

Концептот за државна матура вклучува два екстерни, односно задолжителни предмети за сите ученици – од гимназиско, четиригодишно стручно и уметничко образование. Првиот задолжителен предмет е мајчин јазик (македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература или српски јазик и литература), додека за вториот задолжителен предмет средношколците може да одберат помеѓу странски јазик (англиски, француски, германски, италијански) и математика.

Во Концепцијата стои дека мајчиниот јазик „мора секој добро да го познава, токму поради придавката ‘мајчин’“, додека за странски јазик се вели дека „познавањето на барем еден странски јазик денес е неопходно за секој млад човек да биде успешен“.

За математиката, во Концепцијата се вели оти е еден од темелните наставни предмети во основното образование, има „висока прогностичка вредност“ и со неа се развива логичкото мислење.

Екстерните испити од државната матура сè уште се полагаат писмено.

Покрај екстерните (задолжителни), матурантите полагаат и два интерни, односно изборни предмети, а тука можат да изберат кои било два од предметите што ги изучувале во средното образование најмалку две учебни години, со најмалку два часа неделен фонд или пак наставен предмет што се изучувал со најмалку 138 часа вкупен фонд.

Главната разлика помеѓу екстерното и интерното полагање на предметите е што првите ги оценуваат оценувачи што се избрани на јавен повик објавен од Државниот испитен центар (ДИЦ), додека оценувањето на испитите што се полагале интерно го прави интерна комисија составена од вработени во училиштето во кое учи ученикот.

Ученикот има право, покрај четирите наставни предмети (два екстерни и два интерни) и проектната задача кои се пропишани да ги полага во рамките на државната матура, да избере и други, најмногу два предмети од листата на предмети за изборниот дел на државната матура. Овие дополнителни предмети на ученикот му овозможуваат пошироки предуслови за влез во високото образование.

Државната матура е услов за упис на факултет.

 

Училишна матура

Училишната матура е наменета за учениците од гимназиското и уметничкото образование кои не се определиле за државната матура, односно не планираат да продолжат во високото образование. Целта на овој испит, според ДИЦ, е добивање сертификат за завршено гимназиско или уметничко образование. Со полагањето на училишна матура, матурантите и официјално го завршуваат својот образовен процес.

„Училишната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат на целите на наставните програми за соодветните наставни предмети кои се вклучени во листата за училишна матура“, се вели на сајтот на Државната матура (matura.gov.mk).

 

Завршен испит

Слично како и училишната матура, завршниот испит е наменет за учениците кои нема да полагаат државна матура, но за оние од средно стручно образование. И во овој случај, со полагањето на завршниот испит, учениците добиваат сертификат со кој се означува крајот на нивното образование, односно со завршен испит не можат да се запишат на факултет.

Учениците во тригодишно средно стручно образование задолжително полагаат завршен испит, додека оние од четиригодишно стручно образование може да одберат помеѓу државна матура и завршен испит.

 

Проектна задача

Составен дел од државната матура, училишната матура и завршниот испит е и проектната задача. Таа претставува проучување на проблем што ученикот го избира од некој од наставните предмети или пошироко од образовните области. Проектната задача, како составен дел од завршниот испит во средно образование, служи за проверка на практичната оспособеност на ученикот за вршење на работи од областа на струката.

Учениците треба да изработат проект на одредена тема, кој вклучува истражување, анализа и презентирање пред комисија. Оваа задача е задолжителна за матурирање и носи одреден број поени.

Проектната се избира од наставните предмети и области за кои се определил ученикот.

 

Оценување

За да се положи кој било од испитите (државна матура, училишна матура, завршен испит, проектна задача), потребно е истиот да биде оценет со минимален праг од доволен (2).

Резултатите на кандидатите кои го положиле испитот се изразуваат со оценка на скала од 2 – 5 и перцентилен ранг на скала од 0 – 100.

Резултатите на кандидатите кои не го положиле екстерниот испит, пак, се изразуваат со бодови.

 

Познати датумите за полагање на екстерните испити од државната матура

Учениците треба да се пријават за матурските испити преку своето училиште, а овој процес е веќе започнат. Потребно е да ги одберат изборните предмети што ќе ги полагаат, да поднесат проектна тема и да ги достават сите неопходни документи побарани од училиштето.

Државниот испитен центар (ДИЦ) веќе го објави календарот за полагање на екстерните испити од државната матура за оваа учебна година. Па така, во јунската испитна сесија, мајчин јазик ќе се полага на 31 мај, додека странски јазик или математика ќе се полага на 11 јуни.

Во августовската сесија, пак, мајчин јазик ќе се полага на 12 август, додека странски јазик или математика – на 14 август.

Новина е што оваа година, матурантите кои учат во скопските средни училишта испитите од државната матура ќе ги полагаат во амфитеатри и предавални на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Матурантите од Штип, пак, ќе полагаат на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД).

Ова се прави за да се намалат препишувањата, кои секоја година се евидентираат во голем број.

Минатата година, пак, наместо во училници, матурантите ги полагаа испитите од државната матура во спортските сали на училиштата и во холовите.

 

Упис на факултет

За запишување на факултет, матурантите треба да ја положат државната матура, која е услов за упис на универзитетите во Македонија. Запишувањето во високообразовните установи во Македонија се одвива според условите и критериумите утврдени од самите универзитети.

Универзитетите го земаат предвид успехот од државната матура како основен критериум за прием, но и општиот успех од средното образование. Некои факултети може да бараат дополнителни приемни испити или практични тестови, особено во уметничките и техничките области.

Секоја година, универзитетите во Македонија објавуваат конкурс за упис со сите детали за достапните студиски програми, квотите за прием на студенти, критериумите за рангирање на кандидатите и потребните документи за пријавување (диплома за завршено средно образование, свидетелства, уверение за положена државна матура итн.).

Конкурсите се објавуваат во средствата за јавно информирање и на веб-страниците на универзитетите, обично во јуни или јули пред почетокот на академската година.

Нова концепција за државната матура?

Во моментов се подготвува нов концепт за полагање на државниот матурски испит. Според најавите, испитот ќе биде различен во средното стручно образование и во гимназиите, односно нема да биде унифициран како што е сега.

Во меѓувреме, многу пати се споменуваше и идејата за набавка на блокатори кои би се поставиле во училниците и кои би оневозможиле преписи, но Министерството за образование и наука засега не ги набавува уредите бидејќи се скапи.

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура минатата учебна година беше 3,25, што е помалку од претходните две години. Во 2023 година просечната оценка беше 3,65, додека во 2022 година – 3,78. Ова, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои овој пат беа преземени.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска тогаш за Мета.мк информираше дека биле откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања.

При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици, пак, им беше изречена мерката поништување на испитот. (Мета)