Што ќе донесе вториот круг


ЃОРЃИ СПАСОВ

Пред првиот круг од претседателските избори многумина се плашеа од две работи.

Првата беше да не се случат некакви инциденти или неправилности на кое било избирачко место, што опозицијата би го искористила за обвинувања дека изборите не биле слободни и фер и да повика, како во време на референдумот, на јавен или на таен бојкот во вториот круг со цел изборот на претседател да не успее.

Одржувањето слободни и фер избори во организација на сегашната влада, по сè што се изнаслушавме за изборите организирани од владата на Груевски, се чинеше дури и поважно за добивањето препорака за започнување на разговори со ЕУ од тоа кој ќе победи на нив. И во тоа Македонија успеа.

Нешто што во сите демократски земји се смета за нормално, а што цела деценија за време на Груевски и Мицкоски се чинеше невозможна мисија, стана повторно нормално. Со тоа Македонија положи уште еден испит.

Победен е стравот кај граѓаните, кај вработените и невработените дека ништо нема да им се случи ако слободно гласаат за кого сакаат или решат воопшто да не излезат на гласање. А тоа значи зголемување на слободата, но и на моќта на граѓаните за избирање и менување на власта врз основа на својата волја.

Второто нешто од што се стравуваше беше можноста кандидатот на владејачките партии за претседател на државата Стево Пендаровски во првиот круг да води пред кандидатот од опозицијата со педесетина илјади гласа, со што изгледите за победа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател во вториот круг ќе беа сведени на минимум.

Таквата предност во услови кога беше јасно дека кандидатот на опозицијата веќе нема простор во вториот круг да го зголеми бројот на гласовите, ќе беше, исто така, повод за некаков јавен или тивок бојкот со цел изборите да не успеат и да се создаде некаква политичка криза.

За среќа на кандидатот на владејачката коалиција на изборите, се појави и Блерим Река кој освои околу 80 илјади гласа, па трката меѓу кандидатите на владејачката коалиција и на македонскиот дел од опозицијата стана поинтересна.

Сега е сосема сигурно дека македонскиот дел од опозицијата нема причина да го бојкотира вториот изборен круг од претседателските избори бидејќи се надева дека сè уште има шанса да победи нејзиниот кандидат и со тоа да остварат некои од ветувањата за аболиција на осудените од 27 април, за блокирање на имплементацијата на Преспанскиот договор, на законот за употреба на албанскиот јазик, за ослободување од вина на Груевски и негово враќање во земјата, па и за предизвикување на предвремени парламентарни избори.

Но, и нивниот кандидат да не победи на овие избори, тешко ќе им биде по изборите од кои било причини да тврдат дека изборот на Пендаровски за претседател е сомнителен или нелегитимен и да не го признаваат. Со тоа се создадени услови Македонија по долго време за прв пат да добие претседател на државата со неоспоруван легитимитет, кој сите политички партии во земјава ќе го признаваат за претседател на државата. А тоа ќе биде уште едно достигнување во демократскиот развој на земјава постигната под сегашната влада.

Секако дека џабе ќе ѝ биде сета демократичност на сегашната владина коалиција, и посебно на СДСМ, ако дозволат овие избори да ги изгуби нивниот кандидат за претседател на државата и ако ѝ создадат впечаток на опозицијата дека таа веќе има мнозинство за промена на власта во земјата.

Ако се има предвид дијаметралната спротивставеност на ставовите на Пендаровски и на Силјановска-Давкова во врска со Преспанскиот договор, законот за јазиците, уставните промени и амнестијата, овие избори и за двата политички кампа во извесна мера беа еден вид втор референдум за името.

Резултатот од првиот круг на изборите ја разобличи омилената лага на македонскиот дел од опозицијата дека над еден милион и двесте илјади гласачи од запишаните во Избирачкиот список, кои не излегоа да гласаат за време на референдумот на 30 септември минатата година, се против Преспанскиот договор и против промената на името и дека оние околу 600 илјади гласачи, што го подржаа тој референдум, не ја изразуваат волјата на мнозинскиот народ во Македонија.

На овие избори се покажа дека кандидатот на македонскиот дел од опозицијата, Силјановска-Давкова, која во кампањата тврдеше дека Преспанскиот договор е штетен и капитулантски за Македонија, ама таа ќе го почитувала, и дека дава збор дека нема да го изговори името Република Северна Македонија и ако биде избрана во сè ќе постапува како сегашниот претседател Иванов, доби едвај околу 300 илјади гласа или само 17 отсто од запишаните еден милион и осумстотини илјади во Избирачкиот список. И тоа е дефинитивно пораката што граѓаните на овие претседателски избори им ја испратија на опозициските партии од македонскиот блок што се противат на промените. Таа гласи: не повикувајте се цело време на народот, ниту на сите Македонци овде и во светот, бидејќи вие ја имате поддршката од само 17 отсто на запишаните во Избирачкиот список.

Но граѓаните им испратија силна порака и на партиите во владината коалиција. Таа владина коалиција во соработка со опозициските партии на Албанците, само пред шест и пол месеци, на 30 септември, на референдумот за поддршка на Преспанскиот договор и за членство во НАТО ја доби поддршката од над 600 илјади граѓани.

Сите тие 600 илјади граѓани веројатно беа свесни дека за да се оствари нивната изразена политичка волја на тој референдум беше неопходно да се обезбеди двотретинско мнозинство со Собранието, па дури и со амнестија на дел од виновниците за насилствата од 27 април, да се промени Уставот и да се направат низа други болни компромиси за да се постигне посакуваната цел. И пред првиот круг од овие избори за претседател беше јасно дека изборот на претседател на државата кој го поддржува Преспанскиот договор, законот за јазиците и кој нема да ѝ става сопки на Владата во реализирањето на оваа важна стратегиска цел за државата е всушност вториот важен чекор за почитување на нивната политичка волја изразена на референдумот.

Но се случи двајцата кандидати за претседател (Пендаровски и Река) кои ги подржуваа тие цели да добијат само околу 400 илјади гласа заедно.

Околу 200 илјади граѓани, или секој трет од оние што излегоа и гласаа „за“ на референдумот, овој пат не излегоа на гласање, веројатно незадоволни од функционирањето на Владата во другите области од нејзина надлежност.

Сигурно голем број од нив сметаат дека Владата не ги исполнила сите нивните очекувања, некои од нив целосно ги разочарала, а извесен број можеби поверувале и во пропагандата на опозицијата дека новата влада донела криминал, насилство и неправда, и дека за разлика од сменета на Груевски покажува неспособност и некомпетентност.

Во такви услови, иако не станува збор ниту за парламентарни ниту за локални избори тие решиле со своето неизлегување и негласање да ѝ испратат порака на власта дека никој не вечен на таа позиција и дека ако не почне нешто да менува и на внатрешен план ќе биде сменета.

Но во ова однесување има една голема нелогичност, па и парадокс.

Смената на Ѓорге Иванов од претседателската функција и неговата замена со кандидат кој нема да продолжи со неговата антиевропска и дискриминирачка политика во име на некаква замислена „Правда за Македонија“ беше последната пречка за остварување на политичката волја на оние 600 илјади граѓани што гласаа „за“ на референдумот.

Со бојкотирањето на кандидатот за претседател од редовите на владејачката коалиција од страна на тие 200 илјади граѓани, не им се нанесува штета само на СДСМ и на ДУИ туку реално се загрозува остварувањето на нивната сопствена политичка волја изразена на референдумот. Со други зборови тоа е политичко однесување на луѓе кои несвесно во обидот да ја казнат власта се казнуваат себеси и ја осудуваат земјата на можно останување надвор од интеграциските процеси со што, повеќе од сигурно, ќе биде загрозена и нејзината внатрешна стабилност. Тоа е како да сте гласале за „Брегзит“ уште пред да станете членка на ЕУ во која сите се крстиме. И затоа само останува надежта дека во вториот круг ќе има мало освестување. Можеби и „бојкотирачите“ не го очекувале овој резултат, па сега имаат можност за поправен испит.