Што би донела лидерска средба – веројатно уште поголема магла


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Мицкоски сака лидерски средби на кои без претседателот на државата би се расправале сите теми во државата. Еден вид тркалезна маса на која би се носеле решенија. А после за нивното евентуално лошо спроведување целата вина да се префрли врз оние што седат во владиниот кабинет

 

Нема ништо политички нелигитимно во барањето на лидерот на опозицијата да имало лидерска средба околу проблемот со Бугарија пред одлуката на ЕУ за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите. Откако пропушти многу можности да се вклучи во креирањето на новите политики кон соседите и беше против сите договори, опозицискиот лидер бара начин сега да ја вклучи неговата партија и преку лидерска средба да биде актер на сцената. Но клучното прашање е: каков резултат би имало од неа  – дали таа би донела некаква корист или повеќе штета.

Христијан Мицкоски вчера изјави вака: „Како политичар не верувам дека нашиот источен сосед ќе ја блокира Македонија во евроинтеграциите зашто ако се суштински, не само декларативни изјавите на политичарите од кај нашиот источен сосед, тоа нема да се случи, и покрај сите авантури кои што ги направи Зоран Заев изминативе години“. Значи, ако не верува дека ќе има блокада од Софија, тогаш зошто би била нужна лидерска средба токму сега. Тој рече дека лидерската средба е потребна пред сѐ „околу преговорите со нашиот источен сосед“. Ако не верува дека ќе има блокадата од Софија, тогаш каква корист би имала средбата на политичките лидери „околу преговорите“.

Досега не слушнавме дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ остварил некаков контакт со сестринската партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, со која заедно членуваат во Европската народна партија. Ако се сестрински партии, дали преку директни или посредни канали комуницирале овие два политички ентитети кои споделуваат заеднички десноцентристичку вредности. Или зошто, на пример, не го испрати партискиот функционер надлежен за меѓународна соработка, Тимчо Муцунски, во Софија да може да ги претстави и партиските и македонските ставови околу чудните бугарски барања. Можеше дури да го испрати и Влатко Ѓорчев, кој од неодамна е doppelgänger на Муцунски. Ништо од ова не се случи. А можеби и не можело да се случи затоа што двете партии – ВМРО-ДПМНЕ и ГЕРБ – имаат речиси замрзнати односи уште од времето на последните години на Никола Груевски. А се сестрински. Најавата дека Љупчо Георгиевски наредниве денови ќе оди во Софија на телевизиско интервју како своевиден гласник на Владата за да им укаже на бугарските политичари дека евентуалното вето би имало несогледиви последици за односите меѓу двете држави, доби огромна гласност и овде и преку границата. Мицкоски ја пропушти таа можност (која можеби и не сакал да ја има) и сега бара политички приклучок преку лидерска средба на која ќе може да поентира со партиските ставови.

Премиерот Зоран Заев денеска го одби ова барање на Мицкоски, велејќи дека нема потреба од од лидерска средба. „Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да наштети на државата, особено на процесите кои нѐ водат кон ЕУ“, рече Заев.

Како што е легитимно барањето на Мицкоски, исто така е легитимно одбивањето на Заев. Премиерот сигурно има повеќе информации од лидерот на опозицијата во каква чувствителна фаза се дипломатските напори во повеќе европски престолнини процесот да заврши онака како лидерите на ЕУ го најавија пролетоска. Не треба да се биде политички многу упатен за да се оцени каков резултат би донела ваква лидерска средба во ова деликатно време – само би се спуштиле уште погусти магли во кои многумина би сакале да уловат капиталец.

Одговорот на Заев би требало да ја каже токму таа суштина, надвор од вообичаената партиска реторика – дека сега е време на внимателна дипломатија, а не патриотско удирање в гради. И после да се тврди дека „јас а не другиот“ е вистински бранител на патриотска Македонија.

Некни на Телма Петар Тодоров, вториот човек од макадонската страна во историската комисија, можеби грубо (како што самиот тој рече) целата работа околу историските прашања и наводното можно предавство на „македонштината“ ја нарече „хистерија“. Тодоров е совршено во право – јавноста, а особено политиката, стана исклучително сензибилизирана од чудните барања на Софија и го кажа токму она што требаше да го каже – ние расправаме за некои сегменти од историјата, но не сме политичари кои треба да ги донесат важните одлуки. И затоа не може целиот товар некој да се обидува да го стави врз нивниот грб.

Во основа, барањето на Христијан Мицкоски имаше друга цел, иако скриена зад шалот за односите со Бугарија – да учествува во креирањето на речиси сите политики откако не стигна ни до можноста да се обиде да формира влада. Така освен за „преговорите со нашиот источен сосед“, Мицкоски рече: „…тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, не знам дали знаете софтверот кој што беше скапо платен не функционира. За сето онакое што е погрешно од државата мислам дека е потребно не е една туку повеќе лидерски средби, и заеднички да излеземе со решение пред граѓаните“. Преведено на поедноставен јазик – тоа би значело некаква тркалезна маса од која ќе произлезат заеднички решенија, а за нивното евентуално лошо спроведување целата вина да се префрли врз оние што седат во владиниот кабинет.

Тој уште не сака тие лидерски средби да бидат организирани од претседателот на државата, со кого партијата ги замрзна односите. „Ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборувам за оној којшто ги организираше претходните лидерски средби коишто завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое што денеска  е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно“.

Се разбира дека за него тоа е „многу важно“ – со еден удар да го отстрани Стево пендаровски и да се етаблира како фактор без кој не би требало да се носат решенијата во земјата од владата која за тоа доби мандат во Собранието. Дел од овој контекст е изјавата со која ги омаловажи епидемиолозите и инфектолозите, кои ја водат борбата со корона вирусот, велејќи „стоиме на располагање со сиот свој потенцијал, како политичка партија, како опозиција, да им помогнеме на граѓаните, па дури и да соработуваме со овие незнајковци од политичката Комисија за заразни болести на СДСМ и Зоран Заев“. Таму да ти биле „незнајковци“, а во нивните партиски редови имало суперзнајковци, кои дури и би соработувале со незнајковците.

Друг дел од контекстот е и омаловажувањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи: „Како политичка партија прво имавме став по таа, би рекол, по малку несмасна и несреќна изјава на господинот Османи. Навистина очекувам малку повеќе политичка култура од него. Ставот беше следен, а тоа е дека вака сериозни прашања не се решаваат по телефон. Вака сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса“. На таа лидеска средба би требало да се поткопаат активностите на Османи, затоа што тој. Меѓу другото, немал и доволно политичка култура. Можеби е вистина тоа што Мицкоски го тврди дека имало барање од бугарска страна за потпишување нов договор сличен на Преспанскиот (што Османи го оцени како шпекулации). А можеби и не е, туку е дел од сеењето магла – затоа што за договор како Преспанскиот ќе биде потребен специјален претставник на генералниот секретар на ОН, резолуции на Советот за безбедност и други работи. И уште – Мицкоски тврди дека неговата изјава никој од Софија не ја демантирал. Па би било комплетно илузорно да ја демантира – зошто во овие неколку недели во Софија би сакале да го расчистуваат хаосот кој сака да фати корења во Скопје, а во основа е во нивен интерес.

Затоа, не е прашањето дали Заев мисли оти „Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да наштети на државата“, туку дали неговата влада би се откажала од значаен дел од ингеренциите и креирањето политики и нив да ги стави на тркалезна маса на која нема да се респектираат резултатите од изборите туку владеењето да се претвори во какофонија.