Шпанскиот крал го гаѓаа со кал во Валенсија, но отиде таму. Нашите лидери се плашат да појдат во Кочани

Гневот се калапи во душите на кочанчани. Градоначалникот нема храброст да излезе и да се соочи со нив, а ни премиерот, претседателката и министрите


Тага во Кочани (Фото: Б. Грданоски)

 

Неколку дена по катастрофалните поплави во Валенсија и нејзината околина на крајот од октомври 2024, каде загинаа повеќе од 220 лица, шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција, како и премиерот Педро Санчез, заминаа меѓу очајните луѓе да се соочат со нивниот гнев и разочарувањето во државата.

Не беше тоа лесна средба за кралот. Фелипе VI беше целиот испрскан со кал од гневните луѓе, кои му се втурнуваа в лице. Калта му беше на образите, по рацете, на јакната, по панталоните. Испрскана со кал беше и кралицата Летиција. Кралот инсистирал неговите телохранители, кои се обиделе да го покријат со чадори, да му дозволат да се приближи за да разговара со жителите, од кои некои викале „Излези!“ и „Убијци!“ Премиерот Санчез беше нападнат. Задното стакло на неговиот автомобил беше искршено. Еден од телохранителите на Летиција имаше крваво чело.

Па, сепак, тоа беше иконскиот момент на владеењето на Фелипе VI. Неговиот пресвртен момент на тронот. Фелипе половина час стоеше мирно додека разговараше со интимен и сериозен тон со гневните луѓе. Кралот не го направи она што можеби се очекуваше – да ги патронизира луѓето. Тој не ги тешеше, тој разговараше со нив.

И тогаш и сега, претседателот на регионалната влада на Валенсија, Карлос Мазон, се криеше од граѓаните. Тој не се појави меѓу нив. Гневот беше уште поголем кога се дозна дека тој останал на приватен ручек додека големите поплави веќе однесоа стотици живот. Масовните демонстрации што следеа беа насочени токму против него, затоа што регионалната влада не издала предупредување за големите дождови, иако знаела дека доаѓаат. Тој уште не поднесува оставка, иако веќе никој не го сака во Валенсија.

Кралот Фелипе меѓу гневните луѓе во градот Паипорта близу Валенсија (Фото: АП)

Овие поплави ја трауматизираа Шпанија и последиците тешко се лекуваат. Трагедијата во Кочани ја втурна во целосна траума Македонија. Но нејзините лидери како да немаат храброст да се соочат со таа траума. Ниту претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ниту премиерот Христијан Мицкоски досега не отидоа во Кочани да се соочат со гневот на неговите жители и да разговараат со нив. Додуша Мицкоски, како што тврди, бил во Кочани во неделата уште рано наутро, но цело време бил во полициската станица. Но не меѓу луѓето, туку во функционерско-полициско опкружување.

Сиљановска во неделата ги посети трите болници во Скопје, каде се згрижени повредените од пожарот во дискотеката. Изгледаше искрено скршено. Малку подоцна истиот ден имаше и  обраќање до македонската јавност во кое порача дека „ниту еден одговорен не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите“. Обраќањето беше кусо, но доликуваше како на шеф на држава.

Оттогаш неа ја снема, но се појави премиерот. Вечерта Мицкоски се појави на прес-конференција во владата и одржа говор што Англичаните го викат „it’s all about me“. Тој не зборуваше за девастираните семејства во Кочани, за жителите на градот кои се уништени, тој зборуваше – за себеси. Еве како го почна неговото обраќање:

„Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен.

Јас во својот живот и во својата кариера сум се одлучил да делувам принципиелно, одговорно, чесно и отворено, без разлика на ризиците и без разлика на последиците кои тие ризици можат да ги донесат по мојот животен пат. Влегов во политиката да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Ако тој систем не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“. И така натаму и така натаму. За трагедијата на семејствата имаше само две реченици подолу во обраќањето: „Денес е најважно да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија. Да повикаме на заедништво и сплотеност и да се насочиме кон фактите и сѐ она кое е важно за почеток на едно големо ресетирање на системот“.

Сѐ друго беше посветено на тоа како тој како премиер ќе се бори против корумпираниот систем, како влегол во политиката да промени нешто. Па потоа: „Многумина ми велат народот знае дека Владата нема вина во ова, дека е нова Влада која влезе во костец со проблеми таложени со децении и систем на корупција кој е создаван со децении во државата, но јас ви велам без разлика на тоа, ние мора да бидеме пример кој ќе има значење и вредност и мора да има морална одговорност“. И така натаму и така натаму. За пред крајот пак да се наврати на себе: „Јас сум денеска скршен“.

Христијан Мицкоски на прес-конференцијата за трагедијата во Кочани

Не треба да се има сомневање дека тој е навистина скршен, но колку се скршени луѓето во Кочани, колку се скршени родителите на младите луѓе кои се задушија или изгореа во дискотеката, колку таа скршеност предизвикува гнев. Премиерот, претседателката, всушност, никој од министрите (тој за внатрешни работи беше таму, но соопштуваше факти за истрагата), ги нема во Кочани. Своите граѓани ги напушти и градоначалникот Љупчо Папазов. И тој се нема појавено меѓу своите кочанчани. И тој е скршен, па поднесе оставка. Па уште во обраќањето преку Фејсбук за оставката вели: „Јас се ставам целосно на располагање на институциите“. Затоа што ако не се ставел на целосно на располагање институциите – обвинителството и полицијата – можеби ќе заборавеле да го распрашаат што правел тој дискотеката да работи на диво и дали има некаква вина за трагедијата. Па премиерот на одреден начин ќе го пофали тоа „ставање на располагање“ – „Градоначалникот во својата оставка напиша дека е на располагање, тука е и никаде не бега“.

Граѓаните на Кочани ги читаат и слушаат сите овие изјави. И гневот само се калапи во нивните души. Кога ги напушти нивниот градски татко, кој нема храброст да излезе и да се соочи со нив, тогаш не е чудно што и премиерот, претседателката и министрите ги напуштија. Тие се оставени како сирачиња од врвните луѓе на државата. Но има нешто што сепак ги грее нивните скинати срца – целата македонска младост застана со нив.