Мицкоски разочаран од нискиот одзив на македонските Бугари за изборите во Бугарија, посакува проевропски премиер


Премиерот Христијан Мицкоски е „благо разочаран“ од одзивот на македонските граѓани кои се декларираат како Бугари, да гласаат на денешните парламентарни избори кои што се одржуваат во оваа соседна земја. Истовремено, тој очекува бугарските гласачи да изберат проевропски премиер кој ќе биде „добрососедски ориентиран“ и посветен на исполнувањето на Копенхашките критериуми, а не на билатерални спорови кои што „треба да дадат одговори сега на прашања од Средниот век“.

Мицкоски ова го изјави денес одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата во Владата која беше посветена на мерките што се преземаат за надминување на кризата со високите цени на горивта. 

Запрашан што очекува од осмите по ред парламентарни избори во Бугарија, на кои најизвесно е дека Румен Радев ќе формира нова коалициска влада, имајќи ги во предвид неговите тврди ставови кон евроинтеграцијата на нашата земја и дали може да се очекуваат и нови барања, Мицкоски одговори:

„Можам да кажам дека сум благо разочаран од нискиот одзив на македонските Бугари бидејќи само 250 македонски Бугари се заинтересирани да учествуваат на овие избори, од оние според Радев и луѓето околу него, повеќе од 200 илјади. Очекував излезеноста да биде малку поголема. Но, истовремено очекувам дека граѓаните во Бугарија кои гласаат во Бугарија, ќе изберат премиер, односно претседател на Влада кој ќе биде јасно проевропски ориентиран, добрососедски ориентиран и наместо билатералнте прашања ќе се посвети на вистинските темелни европски вредности дефинирани од Аденауер, Шуман и Дегаспери многу одамна и како земја членка во Европската унија ќе биде вистински промотор на Копенхагеншките критериуми, а не на билатерални спорови кои што треба да дадат сега одговори на прашања кои што се од Средниот век“, изјави Мицкоски.