Филипче на собир на ПЕС во Барселона: Билатералните прашања не смеат да го запрат проширувањето на ЕУ


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска учествуваше на собир на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) во Барселона. Тој зборуваше на панелот „Обликување на Европа заедно: Прогресивни гласови од Западен Балкан“.

Во своето обраќање, Филипче нагласи дека Европа се соочува со сериозен бран на авторитаризам, на кој прогресивните сили и социјалдемократијата се последна линија на одбрана.

Посебен акцент во своето излагање Филипче стави на процесот на проширување на Европската унија, истакнувајќи дека тој мора да продолжи и дека билатералните прашање не смеат да бидат изговор.

„Проширувањето на ЕУ мора да продолжи. Прогресивците не смеат да дозволат билатерални прашања, кои немаат врска со Копенхашките критериуми, да се користат како изговор за вета и блокади. Секое ново вето или блокада не само што го оштетува процесот на проширување, туку ја поткопува довербата на граѓаните во европските вредности“, истакна Филипче, додавајќи дека критериумите мора да се почитуваат, но не смеат да бидат злоупотребени.

Во освртот на состојбите во Македонија, Филипче посочи дека државата се соочува со застој во европската интеграција поради политиките на актуелната власт.

„Имаме десничарска влада која не го продолжува европскиот пат и користи изговори за да ги блокира неопходните уставни измени“, истакна Филипче.

Тој предупреди и на засиленото влијание на авторитарни центри во регионот, посочувајќи на поврзаноста со политиките на Виктор Орбан и Александар Вучиќ, како и на ширењето на антиевропска реторика, дезинформации и координирани медиумски кампањи.