ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ подготвува заеднички настап со српската опозиција


Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, обвини дека генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, имал средби со поранешни функционери од српската опозиција со цел формирање заеднички опозициски фронт, при што, според него, зад овие активности стојат Зоран Заев и Зоран Башановиќ.

Манасиевски тврди дека минатата недела во Македонија Димитријевиќ се сретнал со Бранко Ружиќ, поранешен министер за образование во Србија и потпретседател на Социјалистичката партија на Србија, при што разговарале за „спојување на опозиционерите од Србија со СДС, за заеднички настап и соработка“.

„Зад оваа средба и зад овој фронт стои нивниот ПР шеф Башановиќ и врховниот претседател на СДС, Зоран Заев“, наведува Манасиевски, оценувајќи дека раководството на СДС дозволува да биде користено „за приватни цели“.

Тој додава дека, според него, поради „лојалноста кон Заев“, СДС преку Венко Филипче и Димитријевиќ „ќе одработува за опозиција во друга држава“, наместо да се фокусира на домашната политичка сцена.

„Наместо да бидат конструктивна и корективна опозиција во Македонија, тие се занимаваат со други држави“, наведува Манасиевски, додавајќи дека партијата, според него, „полека станува маргинална со рејтинг сличен на статистичка грешка“.

Во изјавата се посочува и дека СДС треба да се насочи кон домашните прашања, наместо кон политичките процеси во други земји.

Според Димитријевиќ, ваквите тврдења се вистински пример за лажна вест,  „fake news“.

„Нови лаги од сестринската партија на Орбан, ВМРО-ОКГ. Ниту сум се видел, ниту ги познавам споменатите Ружиќ и Башановиќ. Особено е интересно што ВМРО-ОКГ тврди дека постои „договор за опозициско делување со СПС“ – партијата која е најблизок партнер на Вучиќ и СНС и која со нив ја сочинува владејачката коалиција. Стварно станаа смешни. Кога веќе немаат што да кажат, измислуваат приказни кои не држат вода ни пет минути.

Жал ми е, но ваквите лаги повеќе не поминуваат. Народот сè знае, затоа ВМРО веќе има загубено 150.000 гласа. Дефокусот не ги полни празните фрижидери и празните џебови на граѓаните“, порача тој.