Шокантна анкета во Германија – Зелените водат пред демохристијаните на Меркел


Армин Лашет, лидер на германските демохристијани (ЦДУ), ја доби битката да стане конзервативен кандидат за канцелар откако неговиот ривал Маркус Зодер од Христијанско социјалната унија (ЦСУ) го призна поразот. Но неверојатната нова анкета покажа дека партијата на Зелените се искачила на првото место меѓу гласачите запрашани кого би избрале доколку федералните избори се одржат оваа недела.

Анкетата спроведена од високо ценетата агенција „Форса“ за телевизиските мрежи РТЛ и н-тв, покажува дека конзервативна коалиција на Германија претрпела јасна штета од борбата со ниски удари меѓу Лашет, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија и баварскиот лидер Зодер.

Според анкетата, 28 проценти од гласачите рекле дека ќе ги поддржат Зелените, наспроти 21 процент за ЦДУ/ЦСУ, 13 проценти за левичарските социјалдемократи (СПД), 12 проценти за либералните Слободни демократи, 11 проценти за крајно десничарската Алтернатива за Германија и седум отсто за Левица.

Ако се гласаше викендов кандидатката на Зелените Аналена Бербок би била позиционирана да формира влада. Коалицијата предводена од Зелените би значела земјотресна и политичка промена за Европа, со веројатно далекусежни импликации врз енергетската, економската, па дури и безбедносната политика во ЕУ. Но изборите не се одржуваат оваа недела, туку на 26 септември, што остава пет месеци на конзервативците да го повратат изгубеното место во натпреварот за да се наследи Ангела Меркел.