Шилегов го најави отворањето на „Лајка“ со четириножниот „советник“
Проектот за реконструкција на стационарот „Лајка“ е во завршна фаза. Наскоро започнуваме, најави градоначалникот Петре Шилегов на својот фејсбук-профил објавувајќи фотографија со еден од неговите идни станари, бездомното кученце во улога на „советник“.
„Лајка“ е новото име на „Вардариште“. Неодамна градот формираше ново ЈП и ја назначи Тина Петрушевска да раководи со овој стационар за улични кучиња, а како што најави, членови на управниот одбор ќе бидат граѓанските активисти и здруженија.
„По завршување на градежно реконструктивните активности кои ќе почнат наскоро, целта ни е да добиеме функционален стационар по светски стандарди, каде ќе се применува програмата за хуман третман на животните. Ќе се имплементираат и нови методи на заловување и за ресоцијализација на бездомните кучиња“, велат од Gрад Скопје.
Појаснуваат дека локацијата останува иста, но со новиот проект се предвидува и проширување на капацитетот за престој, карантин, амбуланта, административни простории и парк за кучиња. Покрај масовната стерилизација/кастрација, во соработка со здруженијата за заштита на животните активно ќе се промовира и вдомување и хуман однос.
„Кучињата кои ќе го поминат третманот, а нема да бидат вдомени, ќе бидат враќани на истата локација од која што се заловени, со цел да се спречи формирање на нови глутници, а со тоа и значително би се намалила бројката на каснувања“, велат од Град Скопје.
Очекуваат бројот на кучињата постепено да се намалува заради поинтензивно спроведување на постоечката програма.