Шеснаесет загинати во израелска операција на Западниот Брег
Најмалку 16 лица се убиени во големата израелска воена операција во северниот дел на Западниот Брег, пренесе ДПА повикувајќи се на палестински и израелски извештаи.
Според палестинските извештаи, повеќето од жртвите биле милитанти.
Тие се убиени од почетокот на операцијата во Џенин, Тубас и Тулкарем, соопшти Министерството за здравство на Хамас во Рамала.
Палестинската новинска агенција Вафа јави дека има 17 загинати, повикувајќи се на медицински извори. Според палестинските извештаи, двајца од убиените биле цивили, додека неколку други биле членови на воена група на Хамас и други екстремистички групи.
Информациите првично не можеа да бидат независно проверени.
Израелската армија досега пријави седум палестински милитанти убиени во Џенин, пет во Тулкарем и уште четворица вооружени напаѓачи убиени во Фара во близина на Тубас. Десет лица се приведени. Безбедносните сили, исто така, наводно, деактивирале десетици експлозивни направи и заплениле оружје.
Според војската, операцијата во бегалскиот кварт Фара на северот на палестинската територија сега е завршена.
Израел во средата почна голема воена операција во северниот дел на Западниот Брег.