Шеснаесет лекари се потпишаа и не отстапуваат, извори на МИА тврдат: Со парите што одат од ФЗО ќе изградивме нов клинички центар

Во документот на кој се потпишаа 16 кардиолози и кардиохирурзи од државните клиники, кој заедно со осумте досиеја на пациенти на кои им биле извршени кардио-операции на приватна клиника, ги доставија до Министерство за здравство и до ФЗО, стои дека тоа се случаи кај кои се констатирани „одредени неправилности во индикациите за оперативен третман“.
Што значи тоа, прашавме некои од потписниците? Одговорот што ни беше проследен е краток и јасен: „Дека нема вистинска причина за операција, според медицината базирана на докази“.
Тоа значи дека во овие осум случаи, според 16-те наши кардиохирурзи и кардиолози, непотребно биле извршени операции, а потоа истите биле наплатени од Фондот за здравствено осигурување. Овде не станува збор за стентирање за што ФЗО нема договор со приватните клиники, вели нашиот извор, туку за класични операции.
Останува нејасно, зошто овие операции не се вршеле на државната кардиохирургија која, за таа цел беше и основана.
Според нашите сознанија, еден од најголемите заговорници за унапредување на Клиниката на Жан Митрев, своевремено, бил тогашниот директор на ФЗО, Војо Михајловски, но во негово време, а и потоа, после него, за ниту една операција извршена на приватна клиника не можело да се исплатат пари од ФЗО ако претходно, зад потребата од операција не ставеле потписи петмина државни кардиолози (тогаш државната кардиохирургија не постоеше). Еден од нашите извори се сеќава дека во еден случај, пациент препратен од Штип бил опериран на приватна клиника, но пари од ФЗО не биле исплатени зашто еден од кардиолозите не ставил потпис на потребата од вршење таква операција.
Така што, според нашите сознанија, ние систем на контрола за потребата од вршење на операции на приватните клиники кои потоа би се исплатувале од сметката на ФЗО, што значи од сметка на граѓаните на нашата земја, сме имале. Тој систем на контрола во подоцнежните времиња е напуштен, а за причините за тоа потписниците на документот доставен вчера до МЗ и ФЗО не сакаа да навлегуваат.
Но, постои стравот дека тоа се направило во време на претходните раководства на двете институции со цел да згасне државната кардиохирургија или нејзините капацитети да се сведат на минимум, а истовремено да се ослаби и Клиниката за кардиологија при Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Значи систем на контрола имало, тој систем е напуштен и се што сега треба да се направи е контролниот систем да се обнови. Со домашни или странски експерти, кои, доколку се од странство, филмовите од пациентите врз основа на кои ќе се изврши проценка дали е потребна или не операција на приватна клиника би можеле и електронски да ги прегледаат.
Сето ова е битно за да се елиминираат ваквите случаи и непотребните одлевања на пари од ФЗО, кои според истражувањето на неделникот Фокус се движат со милиони евра годишно. Кога сè ќе се собере, може лесно да се дојде до заклучок дека, ако нецелосно, тогаш барем приближно, со тек на годините ние непотребно сме давале пари со кои би се изградил нов клинички центар.
Со тој систем, а и со овој документ зад кој стојат 16 наши врвни лекари, се елиминира и прашањето за тоа што ако во одреден случај постојат две различни мислења. Едно на лекар кој смета дека треба да се изврши операција, друго на лекар кој смета дека таква операција не треба да има. Овде станува збор за систем кој вклучува група специјалисти кој ја елиминира можноста да се направи пропуст од финансиски причини.
Во секој случај, тврдат нашите извори, овие осум досиеја зад кои стои врвот на нашата кардиолошка и кардиохируршка наука, треба да бидат почеток на еден процес која мора да се изведе до крај, за потоа да се стави крај на ова, според нив, непотребно трошење пари, но и тоа што е клучно за нив – непотребно инвазивно третирање на пациентите, операции кои можат да имаат и смртен исход.