Секаде ограничувања, кај нас доживотни кабинети


Улогата на бившите шефови на државата во политиката може да биде додадена вредност, но и сосема безначајна, ама ретко каде како кај нас тие доживотно се згрижени со параграфите на законот. Односот кон нив е деликатен за повеќето земји, а нивните привилегии во време на криза може да бидат тежок товар за сиромашни земји како Македонија. Заминувањето на Ѓорге Иванов од функцијата, која ја извршуваше една деценија, повторно го актуелизираше прашањето дали е потребна измена на законите водејќи притоа сметка за „нозете и чергата“.

Иванов, кој беше дел од децениското политичко трауматизирање на државата, ќе ја чини 165.000 евра годишно, доживотно. Тој ќе добие пензија од 1.800 евра месечно, еднаков износ на претседателската плата, право на тројца соработници, шофер, службено возило, канцеларии… За свое седиште ги одбра канцелариите во комплексот висококатници „Џевахир скај сити“ во Аеродром каде што ќе биде кираџија во првата година. Покрај него, правата на поранешен претседател ги користи и Бранко Црвенковски, како и семејството на Борис Трајковски. Сопругата и децата на Трајковски до 26 години имаат право на 70 отсто од пензијата. Покриени се и трошоците за школување на децата, како и изградбата на семејната куќа на Водно.

Земјите несомнено се грижат за дигнитетот на своите бивши претседатели, на кои, покрај сигурност, им се овозможува да дејствуваат и по мандатот, но никако на ист начин. Државите притоа водат сметка и за своите можности. Доказ за тоа се и земјите од нашето најблиско опкружување со кои некогаш ја сочинувавме СФРЈ. Таму речиси и да нема доживотни бенефиции. Државниот подарок е ограничен.

Хрватска – Бенефициите ограничени на пет години

 

Во 2016 година хрватскиот Сабор на предлог на владата, поточно на иницијатива на Мост, која тогаш беше во коалиција со владејачката ХДЗ, му го укина правото на канцеларии на бившиот претседател Стипе Месиќ кој шефуваше со државата два мандата до 2010. Проценките беа дека со тоа ќе се заштедат 80.000 евра. Според законот од 2004 година, бившите хрватски претседатели имаа доживотно право на канцеларии, двајца вработени, службено возило со возач и обезбедување. Со измените, тие права бившиот шеф на државата може да ги има пет години по престанување на мандатот. Месиќ крена голема врева во јавноста, па дури и се закани со тужба до Судот за човекови права во Стразбур откако Уставниот суд се оглуши на приговорот поради ретроактивната примена на законот.

„Со одземањето на правото на користење на канцеларијата во значителна мера ми е отежната активноста на јавната сцена. Останувам на располагање на сите во Хрватска кои се борат за вистинска демократизација“, ќе изјави Месиќ обвинувајќи дека тоа била победа на протагонистите на ревизионизмот, додавајќи дека постапката претставува ревитализација на фашизмот.

Од 2012 година, пак, претседателот во Хрватска не е единствениот кој има право на повластена пензија. Таа веќе не е 90 отсто од неговата плата, туку е ограничена со општиот пензиски закон кој вели дека максималната пензија што некој во Хрватска може да ја добие по 40 години стаж, без оглед на уплатата на придонесите, е околу 1.200 евра. Тоа е 2,5 пати помалку од она што, да речеме, Владата му го укина на бившиот претседател Иво Јосиповиќ, а ќе важи и за актуелната шефица на државата Колинда Грабар-Китаровиќ. Месиќ, пак, продолжи да зема над 2.000 евра плата, како и вдовицата на Фрањо Туѓман, Анкица, бидејќи законот не беше применет ретроактивно.

И во богатата Словенија правата на бившите претседатели беа ограничи на пет години, па слична судбина како Месиќ го снајде и Милан Кучан.

Србија – Кабинет колку што траел мандатот

Поранешните претседатели во Србија, пак, шест месеци по завршувањето на мандатот може да примаат полна претседателска плата, а тој период може да се продолжи на една година. Доколку не најдат работа, до пензија ќе добиваат 80 отсто од платата. Ако најдат работа, а платата му биде помала од 80 отсто од претседателската, државата го надоместува тој износ.. Истото важи и за пензијата. Претседателите, исто така, имаат право на канцеларија, советник, секретар, но онолку колку што им траел мандатот. Може да ги обезбедува полиција една година по престанок на мандатот, но тоа може да се продолжи доколку постојат оправдани причини.

Сепак, во оваа земја не секогаш претседателите по заминувањето ги добиваат бенефициите кои им се загарантирани со закон. Србија денеска има четири живи бивши претседатели – Милан Милутиновиќ, Зоран Лилиќ, Воислав Коштуница и Борис Тадиќ. Борис Тадиќ, на пример, кој беше на чело на државата од 2004 до 2012 година, од привилегиите бараше канцеларија, која не му беше доделена. Од сите останати привилегии, вклучувајќи ги и паричните, се откажа. Тоа го направи и Воислав Коштуница.

Во Црна Гора, пак, на претседателот по престанување на функцијата до исполнување на законските услови за стекнување право на пензија му следуваат 70 отсто од платата што ја земал. Доколку пензијата е помала од претседателската плата, има право на таа разлика. Може да користи канцеларија, да има еден советник и еден службеник за вршење административни и технички работи, право на службен автомобил, но најдолго пет години по престанокот на должноста.

И во поразвиените земји може да се воочи разлика во третманот на своите експретседатели. Во Чешка, да речеме, легендарниот и харизматичен Вацлав Хавел имаше право на државна заштита и автомобил, но само во ограничен период, а не доживотно, како што не доби ниту доживотна повластена пензија. До неговата смрт во 2011 година тој земаше плата од 500 евра. Во Полска, пак, експретседателите имаат право на половина претседателска плата, со релативно скромни средства за работната канцеларија. Германија своите бивши претседатели доживотно ги дарува со 60 отсто од претседателската плата, со доживотен кабинет и возач.

Во САД, каде што има претседателски систем, не се штеди. Бившите претседатели добиваат пензија близу 200.000 долари годишно. Покрај тоа, до крајот на животот имаат платено здравствено осигурување, специјално обезбедување, канцелариски простор, службеници, бесплатно патуваат со кое било превозно средство…Традиција е секој да има и музеј и библиотека. Бенефициите ги добија со законот од 1958 година, откако јавно стана познато дека Хари Труман замина во пензија со празни џебови. Дополнително, тие сега заработуваат милионски суми од говори и автобиографии.

„Цивил“ бара укинување на привилегиите

Невладината „Цивил“ бара од законодавната и извршната власт да стават крај на расипништвото и привилегиите во кои уживаат функционерите почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции.

„Бесмислено е да се трошат огромни суми пари за доживотни привилегии на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓани“, сметаат од „Цивил“. Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, според „Цивил“, мораат да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните трошоци, прескапи патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавки на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.

„Сè што е досега набавено, мора да се продаде, а средствата да бидат наменети за подобрување на образованието, здравството и безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 50.000 евра, треба да се набават противпожарни и амбулантни возила, или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат по ресторани, функционерите мораат да се борат против корупцијата и сиромаштијата во земјата. Апанажите мора да се укинат или да се сведат на минимум. Во оваа земја социјалната помош му се укинува на примателот ако заработи екстра приход од собирање пластични шишиња во вредност од 300 денари. Неприфатливо е да се креираат, а потоа и до максимум да се користат сите прописи според кои функционерите, практично, не мораат во ниеден момент да посегнат по својот џеб“, велат од „Цивил“.

„Во време кога ни умираат деца поради лошото здравство, кога младите во огромен процент се функционално неписмени, кога луѓе гладуваат и се мрзнат по своите домови, не може да се трошат 165.000 евра годишно за некого, па нека е тоа и поранешен претседател“, нагласуваат од „Цивил“.

Наум Котевски