Сега ја чекаме листата на задачи од Брисел – интервју со Бојан Маричиќ


Фото. Б. Грданоски

По одлуката на ЕУ за почеток на преговори веднаш ќе го интензивираме процесот на целосно составување на тимовите и интензивни средби на работните групи, вели во интервју за „Независен“ националниот координатор за ЕУ, Бојан Маричиќ

 

Љупчо Поповски

Одлуката на ЕУ конечно да ги почне пристапните преговори со Македонија ќе ја внесе во нова брзина работата на преговарачките тимови на државава за членство во Унијата. Националниот координатор за ЕУ, Бојан Маричиќ верува ако интеграцијата во ЕУ остане приоритет на Владата и се работи со полна пареа на тоа, можеме да очекуваме крајот од оваа декада да станеме членка на ЕУ.

Македонија ја помина најголемата пречка по одлуката на министрите на ЕУ за почеток на пристапните преговори. Се чека и формалната потврда на европските лидери на нивниот самит преку видео-конференција. До овој момент ни изгледаше дека тоа е несовладлива пречка. Дали ние реално имаме претстава уште колку големи пречки може да нѐ очекуваат во преговорите?

Вреди да си честитаме за овој голем успех и за одличните вести кои вчера ги добивме од Брисел. После 15 години во чекалната ја кренавме бариерата која нѐ спречуваше да ги започнеме преговорите. Ова е многу важен момент во кој ЕУ донесе политичка одлука дека Република Северна Македонија ги започнува преговорите. Понатаму ќе следува долготраен и сериозен процес на прилагодување и преговори во кој ќе има успеси и пречки, но главната одлука е донесена и ние преминуваме во наредна фаза на нашите европски интеграции.

Во однос на идните евентуални пречки, знаеме дека со новата методологија, дополнително се зајакнува улогата на Советот на ЕУ и на државите-членки. Тоа само по себе ќе значи и повеќе политика во процесот, но секако тој мора да биде базиран на заслуги и резултати. Ние не можеме да знаеме што може да нѐ очекува во иднина, која од државите членки ќе изнесе свои предлози за преговарачката рамка, но… Она што го знаеме е дека на процесот на пристапување и преговори му пристапуваме посветено и одговорно, а со цел тој да заврши поскоро и државата да стане членка на Унијата.

Неодамна изјавивте дека преговарачките тимови генерално се подготвени, но дека се на своевиден стенд бај додека ЕУ и официјално не донесе одлука за почнување преговори. Дали веќе од денес ќе бидат активирани тие преговарачки тимови?

Нашите институции веќе минаа низ техничкиот објаснувачки скрининг кој се одвиваше во 33 работни сесии во Брисел. Тоа беше одлична подготовка на нашите тимови и нивно екипирање и ангажирање за секое поглавје. Дополнително, Владата ги направи сите потребни правни претпоставки за создавање на преговарачките тимови. Владата донесе одлуки за изгледот на структурата за преговори во август 2019 година. Постапувајќи според нив, таа структура почнавме да ја пополнуваме и да ги создаваме тимовите. Имајќи предвид дека процесот застана во октомври 2019 и дека се отвори дискусија за нова методологија на преговори, не правевме дополнителен притисок врз институциите да номинираат свои членови на тимовите, иако поделбата на надлежностите беше утврдена, а се знаат и европските прописи со кои треба да се усогласуваме и во чија надлежност се тие во рамките на работните групи.

Во наредниот период ќе треба во координација со Европската комисија да направиме групирање на нашите тимови покрај во поглавја и во шесте кластери утврдени со новата методологија. Веднаш ќе го интензивираме процесот на целосно составување на тимовите, а ќе започнеме и со процес на интензивно организирање и средби на преговарачката група и работните групи. Ни претстои интензивен период во кој ги комплетираме нашите извештаи за направениот скрининг, како и подготовка на преговарачките позиции.

Јасно е дека е сосема неизвесно кога би се одржала првата меѓувладина конференција со која и официјално ќе почнат преговорите. Што вие ќе работите дотогаш?

Новата методологија за преговорите за пристапување јасно го прикажува процесот и ние веќе го знаеме следниот чекор. Првата меѓувладина конференција ќе биде посветена на првиот кластер на поглавја, а нашиот фокус до нејзиното одржување ќе биде на конкретни подоготвки за преговорите. Изработка на целосен извештај за скринингот, подготовка на гап анализа, нацрт-преговарачки позиции, итн. Има многу работи што треба да се завршат до тогаш, секако и многу што ние би можеле да сториме. Исто така, на дневна основа ќе се координираме со преговарачкиот тим на Европската комисија, кој ќе ја подготвува преговарачката рамка од нивна страна. Очекуваме да започне и втората фаза на скринингот, билатералниот скрининг, кој ќе биде најава за тоа колку ќе биде долга листата на услови и задачи на кои ќе треба да работиме во текот на преговорите. Сите држави кои скоро влегоа во ЕУ или сега преговараат ја поминале оваа фаза од неколку месеци ќе ја поминеме и ние и ќе влеземе подготвени во формалната фаза на отворање на кластерите и поглавјата.

На крајот на краиштата, пристапувањето не завршува со отворањето на преговорите, туку со целосната хармонизација во сите поглавја. Оваа Влада, во повеќе наврати до сега, беше оценета како про-реформска, Влада која посветено работи на севкупната општествена промена и ние ќе сториме сѐ за да ја задржиме оваа оценка.

Поради борбата со корона вирусот извесно е дека преговарачките тимови ќе треба да работат на поинаков начин. Дали сте размислувале како да ја организирате нивната работа?

Граѓаните тоа го следат, од објавите за преземените мерки за работа на Владата и нејзините тела во услови на пандемија. Оттаму, преговарачките тимови нема да отстапуваат од овие одредби, туку ќе ги следат нив. Учесниците во структурата за пристапување во ЕУ и досега работеле електронски, споделувале документи и го следеле процесот. Во актуелните услови, ако е тоа потребно, ќе се направат потребните измени на одлуките и ќе се утврди правна основа за електронско состанување и работа, а ќе се развијат или користат и алатки за електронско состанување и работа од далечина. Процесот е долг и макотрпен, но ние немаме ниту еден ден за губење. Напротив, колку подобро се подготвиме, толку подобро или побрзо ќе го завршиме. Во координација со Европската комисија, како и до сега ќе утврдиме како најефикасно и најдобро да работиме за преговарачкиот процес да се одвива колку што е можно понормално во овие услови.

Колку луѓе според сегашните проценки се вклучени во овие тимови и од колку министерства?

Станува збор за огромна бројка луѓе. Вклучени се, односно ќе бидат вклучени, сите министерства, но и многу други органи во состав на министерствата, независни агенции, управни организации итн. Вклучени се, односно ќе бидат вклучени и институции и органи надвор од извршната власт. Оттаму, неблагодарно е да се зборува за бројка, иако тоа секако ќе бидат повеќе од илјада, а можеби и повеќе илјади државни или јавни службеници.

Дали ќе има потреба од реструктуирање на преговарачките групи со оглед на новата методологија усвоена од Европската комисија?

Новата методологија не ги укинува поглавјата, туку само ги групира во неколку кластери. Оттаму, не гледам потреба од реструктуирање на работните групи, иако, можеби ќе треба да се направи групирање на работните групи во шесте кластери и создавање на дополнителни групи на ниво на кластер, но тоа не ја менува суштината на процесот.

Дали мислите во преговорите да вклучите и експерти кои не се дел од државните структури, како од банките, бизнисот, невладиниот сектор, се разбира и од опозицијата?

Свесни сме дека ова не е процес за пристапување на Владата, туку пристапува целото општество. Оттаму, намерата на Владата беше да ги вклучи сите општествени групи во целиот процес. По донесувањето на одлуките за структурата од страна на Владата се направија анализи, се консултираа повеќето од чинителите и се отпочна постапка за вклучување на бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, итн. Тој процес  ќе продолжи се до комплетното организирање на работните групи и до вклучувањето на сите заинтересирани страни. Врвен интерес на Владата е сите капацитети во државата да бидат искористени во овој процес кој треба да ја трансформира нашата држава во држава членка на Европската унија.

Србија ги почна преговорите во 2015 година, а досега има затворено само две поглавја и уште 16 се отворени. Црна Гора ги отвори преговорите во 2013 година. Отворени се 32 од 33, но завршени се само три. Може ли и Македонија да влезе во оваа спирала на бесконечни преговори кои може да траат најмалку една деценија?

Новата методологија предвидува дека процесот на преговори за еден кластер треба да трае отприлика една година. Оттаму, за седум кластери би требало да поминат 7 години. Сепак, во најголем дел, овој процес ќе зависи од трудот кој ќе го вложат учесниците во процесот и од посветеноста која ќе се демонстрира. Има држави кои ги завршиле преговорите за 4-5 години, а имаме и случаи каде преговорите се во долгогодишен застој, пред сѐ заради проблемите во државите кандидатки. Наша задача е да испорачуваме подобро и повеќе за да нема аргументи за никакви одлагања од страна на ЕУ. Брзото завршување на преговорите е пред сѐ наш интерес и затоа што поуспешно работиме, пократко ќе траат преговорите, а поголем ќе биде притисокот за донесување на политичка одлука за прием во членство. За танго се потребни двајца, нели, ќе зависиме и од динамиката во ЕУ, но нашата домашна задача можеме да си ја завршиме само ние. Верувам дека ако интеграцијата во ЕУ остане приоритет на Владата и се работи со полна пареа на тоа, можеме да се надеваме и да очекуваме крајот од оваа декада да го дочекаме како држава членка на ЕУ.