Седум настрадани во пожарот се транспортирани во Шпанија

Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава објави дека седум повредени во пожарот во дискотеката во Кочани денеска, попладне, се транспортирани за Шпанија со медицински авион од Норвешка.
– По трагедијата во Кочани, медицински авион обезбеден од Норвешка полета од Скопје за Мадрид, превезувајќи седум повредени кои ќе добијат медицинска помош во болниците во Ла Паз и Хетафе. Шпанија е секогаш блиску до Северна Македонија и се солидаризира со жртвите од пожарот, стои во објавата на официјалниот налог на платформата „Х“ на Шпанската амбасада во земјава.
Болниците Ла Паз и Хетафе имаат национално и меѓународно признати центри за грижа на пациенти со изгореници. Од седумте лица кои ќе пристигнат во Шпанија, пет ќе бидат примени во комплексот Фуенкарал, а двајца во центарот што се наоѓа јужно од главниот град, наведува весникот „20Minutos“.