Себични времиња на повидок


БОЖИН ПАВЛОВСКИ

Овој вирус што втера страв во коските, може на крајот да донесе или плачка или играчка. Но во двата случаи ќе сведочи за нашата ранливост

За време на карантините и најстрогите полициски денови, не часови туку повеќе од три месеци, меѓу шесте австралиски држави и двете територии, што го сочинуваат Комонвелтот на Австралија, беа воспоставени најстроги меѓугранични контроли. Што се вели, пиле не можеше да прелета од една држава во друга без знаење на властите.

Жителите на Викторија, каде што живеат далеку најголем број Македонци, поминаа најлошо. Паника се ширеше поради нејзините стотици инфицирани граѓани секој ден. Медиумите од другите држави јавуваа за секој инцидент.

Најригорозни беа властите од Западна Австралија, каде што секој нелегално влезен граѓанин мораше да плати глоба од 200.000 денари (5 илјади долари) и веднаш „да си оди дома“, и во Квинсленд, каде што беа регистрирани десетици комични случаи.

Оваа држава на Австралија, најпосакувана туристичка дестинација поради нејзината тропска клима, близу половина година беше недостапна за другите жители на Австралија. Го жртвуваше и приходот вреден милијарди долари од туристите.  Аветни останаа повеќе илјади хотели, од кои некои се извишуваат и до 80 спратови. Нешто од штетата компензираше локалниот туризам, нешто државниот и федералниот буџет.

Од граѓаните на Викторија „се чуваше“ Квинсленд како тие да се лепрозни. Еден инцидент беше особено трагикомичен. Кога на морскиот брег беа откриени четворица од Викторија, кои во мал брод упорно пловеле над две илјади километри за „да поуживаат“ во топлата клима – се крена голема врева.  Властите од Сончевиот Брег прво ги уапсија, потоа ги тестираа. Иако негативни, односно здрави, не ги оставија „да поуживаат“, туку ригорозно ги казнија и им наредија по истиот морски пат „веднаш да си одат дома“.  Како да не се граѓани на истата држава Австралија.

Во мигов сите држави на Австралија „се фалат“ дека го искорениле вирусот. Но, отворањето на границите меѓу некои од нив оди многу тешко. Премиерот на Западна Австралија изјави дека ќе чека Викторија да покаже 28 дена без ниту еден заразен и потоа „ќе размисли“ за мерките при нормализирање на сообраќајот. Така, жителите на Мелбурн ќе бидат евентуално добредојдени во Перт дури по четири недели.

Источниот и најнаселен дел на континентот најпосле се реши за поголема толеранција. Веројатно движењето на граѓаните ќе се нормализира во текот на наредните три недели.

И федералните власти беа во хармонија со републичките. Им помогнаа на повеќе милиони вработени да ги задржат своите работни места. Таа програма наречена Jobkeeper апсорбираше повеќе милијарди долари.

Ми се чини дека Борис Џонсон во Британија и Ангела Меркел во Германија сега ја копираат токму неа. Ако успее како во Австралија, ефектите ќе се одразат позитивно во самите држави, негативно во нивното опкружување. Затоа што ќе бидат следени од целосен lockdown. А тоа затворање на границите ќе го следат останатите држави. Особено моќните и самоодржливи. И ќе настапат многу тешки времиња за сиромашните, кои не можат да си дозволат таков „луксуз“од буџетот да им исплатуваат плати на милиони работници.

Што ќе се случува со големата бројка  посиромашни и многу сиромашни општества, само ѓаволот знае. Затоа што оваа пандемија е следена од паника и без причина излезена надвор од контрола. Како некој да ја режира за да ги врати на голема врата себичноста и недовербата што се предворја на војните.

Меѓу земјите што не постигнаа самоодржливост спаѓа и нашата Македонија. При железно затворени граници, како што постапи од светот фалената Австралија, ќе се соочи со недостиг на многу продукти што ги увезува како поевтини, откако си го запостави своето земјоделско производство. Секој ќе ги чува резервите за поцрни времиња.

Една поговорка што сум ја слушнал кај мојот народ, не сум ја сретнал на друг меридијан. Таа вели: „Може да биде поцрно од црното“.
Овој вирус што втера страв во коските, може на крајот да донесе или плачка или играчка. Но во двата случаи ќе сведочи за нашата ранливост.

(Божин Павловски е писател)