Се заканува катастрофа: Нуклеарната централа Запорожје е без надворешно напојување седми ден

Најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, во Украина, е без надворешно напојување седми ден, а украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето вечерва изјави дека катастрофа од големи размери е неизбежна.
Зеленски рече дека ова е „закана за апсолутно сите“. Тој ја нарече ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје „критична, вонредна“.
„Нуклеарната централа Запорожје е во вонредна состојба седми ден. Ситуацијата е критична. Поради руското гранатирање, електраната е исклучена од системот и без струја. Моментално, таа добива електрична енергија од дизел генератори. Генераторите и самата електрана не се дизајнирани за овој режим на работа и никогаш не функционирале во овој режим толку долго“, рече Зеленски.
Тој додаде дека еден генератор веќе откажал.
Веќе имаме информации дека еден од генераторите откажал. Со гранатирање, Русите спречуваат поправка на далноводот до електраната и враќање на основната безбедност. А тоа е закана за апсолутно сите. Ниеден друг терорист во светот никогаш не се осмелил да ѝ го направи на нуклеарна централа она што Русија го прави сега. И е исправно светот да не молчи за ова“, рече Зеленски во видео обраќање.
Шефот на Агенцијата за атомска енергија на ОН, Рафаел Гроси, вчера потврди дека нуклеарната централа Запорожје е без надворешна енергија речиси една недела.
Електраната во југоисточна Украина е под руска контрола од првите недели од војната, а двете страни постојано се обвинуваат меѓусебно за гранатирање и загрозување на нуклеарната безбедност.
Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), напиша на X дека се сретнал со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибихо во Варшава и разменил мислења за централата. Тој додаде дека МААЕ работи на овозможување на враќање на снабдувањето со електрична енергија.