Со отстранување на шанкови, монтажни објекти, конструкции и ѕидови, утрово започна најавената акција за вoведување ред на крајбрежјето на Охридското езеро, согласно препораките на УНЕСКО.

Акцијата, што ја спроведува Општина Охрид, почна од месноста Застава и засега се одвива со физичка сила без употреба на тешка механизација. Дел од сопственици на шанкови, угостителски ојекти и плажи изразија отворено негодување кон извршителите, обвинувајќи ги за селективност.

Владата на седницата одржана на 10 јуни ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, a која предвидува концесионерите чии договори се истечени или раскинати задолжително да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.

Непосредно потоа, во телевизиско гостување министерот без ресор задолжен за комуникација во УНЕСКО Едмонд Адеми, појасни дека државата ќе дејствува на сите плажите на Охридското езеро каде се констатирани неправилности и каде има незаконски градби, додавајќи дека активностите се во согласност со преземените обврски на државата за зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО. Тој ги повика општините да постапат согласно нивните ингеренции и да ги отстранат сите неправилности од крајбрежјето.

Во оваа фаза од акцијата се отстранува урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското езеро, на потегот од „Горица 3“ до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата „Свети Стефан“.

Во меѓувреме, дел од концесионерите на плажите на Охридското крајбрежје изградени согласно плановите за уредување на плажите издадени од државата, поведоа иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на владината уредба со сила на закон во време на вонредна состојба.