Се укинува Toblerone со темно чоколадо по 56 години производство

Се прекинува производството на швајцарското чоколадо Toblerone со темно чоколадо во пакување од 360 грама, што ги растажи љубителите на овој вид чоколада. Портпаролот на американската компанија Mondelez, која е сопственик на Toblerone, потсети дека оваа чоколада се произведува веќе 56 години и призна дека споменатата одлука може да биде разочарувачка за некои.
Не беше наведена причина за ваквата одлука, иако претходно беше ветено дека ќе се продолжи со инвестиции во Toblerone. Пред да биде донесена одлуката за прекин, граѓаните во Обединетото Кралство забележале дека Toblerone со темно чоколадо сè потешко се наоѓа во продавниците, поради што веќе постоеле претпоставки дека ќе престане да се произведува. Сепак, сега е потврдено дека оваа варијанта нема да биде достапна ниту во остатокот од светот, пренесува весникот Independent.
За потсетување, Mondelez пред две години ја отстрани познатата швајцарска планина Матерхорн од пакувањето на Toblerone, заменувајќи ја со модернизирано планинско лого. Сепак, задржани се мечката и потписот на еден од креаторите на оваа чоколадна лента, Теодор Тоблер.
Ова се случи поради преместувањето на дел од производството на оваа чоколада од Швајцарија во Словачка. Имено, швајцарските национални симболи не смеат да се користат за промовирање на производи што не се произведуваат исклучиво во Швајцарија. Продажбата на Toblerone започна во 1908 година во Берн.