Се повеќе новозаразени во Грција, стоп за забавите на Закинтос
Во Грција веќе трет ден е зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19, а зголемен е и бројот на починати од коронавирусот, според официјалните податоци од Националната организиација за јавно здравје.
Денеска беа соопштени 270 новозаразени, регистрирани се и пет смртни случаи, додека пак заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти нови мерки, како и продолжување на голем дел од оние кои што се во сила до 31 август.
Новите мерки се однесуваат на островите Лезбос и Закинтос каде што маската е задолжителна и на отворено и во затворени простори, се откажуваат сите забави, настани и манифестации, а се забрануваат и собири на над девет лица.
Хардаљас соопшти и продолжување за уште две седмици на голем дел од мерките што се во сила, како на пример, ограничувањата што важат во над 15 делови на земјата, мерките за туристите, затворените копнени граници, забраната за влез во Грција на државјани на трети земји итн.
На денешната редовна прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција, заменик- министерката за труд и социјални прашања Домна Михаилиду претстави мерки што се однесуваат на домовите за стари лица.
Меѓу другото, ќе се интензивираат тестирањата и скринингот на вработените, предвиден е специјален протокол за управување со сомнителни случаи, како и протокол за грижа на старите лица.
Во Грција, за само три дена починаа 16 лица, а беа регистрирани 822 заразени со Ковид-19, а вкупниот број позитивни случаи од почетокот на епидемијата се зголеми на 9.800 лица, а на починати на 259 лица.