Се почитува договорот со „Гаспром“, проширувањето на гасоводот е да има и други учесници, вели Бислимоски

Најголем потрошувач на гас во државата е ТЕ-ТО со75 отсто, кој гас има обезбедено и за 2023 година, а енергенсот и по 1 јануари ќе го има и за топланите, уверува првиот човек на РКЕ


 

Првите луѓе во енергетскиот секртор во земјава уверуваат дека гас ќе има и по 1 јануари годинава, кога се менуваат правилата за увоз на овој енергент, откако се зголеми моѓноста за транспорт на природен гас преку единствениот гасовод кој го има земјава, а доаѓа преку Бугарија. Најголем потрошувач на гас во државата е ТЕ-ТО со 75 отсто, кој го има обезбедено и за 2023 година, а енергенсот и по 1 јануари ќе го има и за топланите, уверува првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој денеска заедно со првите луѓе на ГА-МА и на НЕР, во Стопанската комора на Македонија ги презентираа подзаконските акти кои што се однесуваат на функционирањето на пазарот на природен гас во наредниот период.

Со овие документи пазарот на природен гас уште повеќе ќе се либерализира и ќе се даде можност природен гас да доаѓа и од други добавувачи кои што ќе ја зголемат конкуренцијата на домашниот пазар за природен гас.

Бислимоски посочи дека документите во средата се доставени во Регулаторната комисија за енергетика со цел да бидат информирани сите заинтересирани страни и потрошувачите и трговците и снабдувачите со природен гас. Целта на новините е да се овозможи намалување на трошоците и на цените за природен гас до крајните потрошувачи. Тој рече дека забелешките ќе бидат прифатени се со цел пазарот на природен гас да продолжи да функциионира и од 1 јануари со зголемена конкуренција во интерес на потрошувачите

На прашањето дали ќе има доволно природен гас и по 1 јануари, Бислимоски посочи дека во изминатата година и пол откога започна енергетската криза постојано слуша дека цената на електричната енергија ќе поскапи 200 отсто – 300 или 500 отсто, дека ќе има рестрикции, дека ќе нема парно, дека ќе нема гас..

„Се научивме на тој начин на комуникација така што сето ова ќе профункционира под еден единствен услов да има природен гас од 1 јануари“, рече Бислимоски. „Се прават напори да се обезбеди и од други учесници на пазарот, така што пазарот на природен гас и од 1 јануари ќе продолжи да функционира“, додаде тој.

Тој посочи дека РКЕ има издадено околу 12 лиценци за трговија и снабдување со природен гас, значи од тој аспект има учесници на пазарот.

„Најголем потрошувач на нашиот пазар за природен гас е ТЕ-ТО и тој ги има обезбедено потребните количини на природен гас и за 2023 година, што е околу 70-75 проценти од вкупната потрошувачка во државата. Штом ТЕ-ТО има обезбедено приоден гас, се разбира дека ќе се обезбеди и за потрошувачите во државата“, рече тој.

Првиот човек на НЕР, Бајрам Реџепи, рече дека целта на Владата била на најбрз начин да се овозможи снабдување со гас од повеќе извори.

„На 30 октомври беше потпишан договорот со ‘Булгартрансгас’ со кој што се овозможи зголемување на капацитетот за пренос низ нивната мрежа за околу 500 илјади метри кубни на гас дневна потрошувачка и штом во овие капацитети ќе влегува и друг тип на гас, неминовно беше донесувањето на овие подзаконски акти со кои на европски начин го регулираат пазарот на пренос на природен гас“, рече тој.

Реџепи додаде дека никој не настојува од 1 јануари да не се продава руски гас во државата.

„Тоа е апсолутно е неточно, тоа што правиме е да се овозможи и други учесници на пазарот да пренесат преку тој капацитет и не е точно дека државата не сака соработка со ‘Гаспром’“, посочи тој

Бислимоски нагласи дека ќе се обезбеди природен гас и за топланите.

„Државата којашто го има договорот со ‘Гаспром’ на 800 милиони нормални метри кубни апсолутно го почитува до крај. За дополнителниот капацитет за кој што помогнаа ‘Булгартрансгас’ и ГА-МА, тој е предмет на аукции и за тој ќе може да се јават, а и се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас којшто го закупиле и дале пари за тоа и се заинтересирани да влезат на нашиот пазар за природен гас“, рече Бислимоски, додавајќи дека тие 800 милиони метри кубни си остануваат во функција и можат да бидат ставани на располагање на македонските потрошувачи. 

Инаку на презентацијата беше посочено дека во целиот овој процес имаше сериозна поддршка од ЕК, од Секретаријатот на ЕЗ од којшто е добиен и допис дека апсолутно го поддржуваат овој процес и од САД чиишто експерти преку УСАИД ги изготвија сите овие подзаконски акти коишто се денеска на разгледување за ГА-МА и за НЕР.

Според тие податоци коишто ги имаме, додаде, приватниот сектор којшто го користи природниот гас во најголем дел се придржува до својата најавена потрошувачка.

„Имаме одредени државни институции коишто не внимаваат и тие што не внимаваат ќе бидат казнети, но не на сметка на останатите потрошувачи или, пак, на останатите учесници на пазарот со природен гас, а тоа се пред се трговците и снабдувачите со природен гас“, посочи Бислимоски.

Директорот на АД НЕР, Бајрам Реџепи појасни дека ако еден потрошувач за денеска има најавено дека ќе потроши 10 илјади кубни метри до крајот на денот, а потрошил 11 илјади кубни метри, според новите правила првите 10 илјади метри кубни ќе ги плати по цената што е во договорот, а другите со повисока цена.

„Според новиот правилник тој другиот дел од гасот што го потрошил влегува во балансниот гас. Балансниот гас од прилика ќе биде поскап за околу 10 отсто и тој на крајот на денот ќе одлучи дали е прифатливо да плати 10 отсто повеќе или ќе го исклучи да чека наредниот ден“, посочи Реџепи.

Нагласи дека со новите позаконски акти никој нема намера никого да оштети.

Досега, додаде, во гасоводот се транспортираше само гас со иста калорична вредност, а сега ќе може да се транспортира и со друга калорична вредност.

„Ако досега имаме ситуација кај што влегува ист гас со иста калорична вредност ни беше многу едноставно и не требаа никакви подзаконски акти, никакви менувања на правилата во нашиот пазар. Во првиот случај кога ќе влезе друг гас во државата којшто има друга калорична енергетска вредност секако дека не може да се мерат само во кубни метри бидејќи тоа неминовно бара и киловат часови. Тоа беше една од причините што ГА-МА почна од пред неколку месеци да ги изготвува подзаконските акти со кои целосно се регулира начинот на функционирање на пазарот на преносот на природен гас. И апсолутно овие подзаконски акти беа во склоп со Законот за енергетика, во склоп со директивите на ЕУ, беа вклучени најдобрите експерти во државата на изготвувањето и апсолутно нема никаков проблем овие акти да се применливи од 1 јануари 2023 година“, потенцира Реџепи.

Со тоа, посочи тој, овозможуваме од 1 јануари освен досегашните добавувачи во државата да донесат природен гас и други, но секако дека апсолутно се остава можноста и сегашниве добавувачи да го снабдуваат нашиот пазар на природен гас.

„Значи, во никој случај нема никој да биде оштетен и секако дека ќе можат и сегашниве снабдувачи и трговци да работат, но секако под нови правила бидејќи тоа го наметнува и начинот – новите правила за пренос на природен гас во државата.  Апсолутно нема никаква лоша намера во ова. Никој не сака никого да оштети. Напротив, сакаме да воведеме можност да се користат повеќе извори на природен гас и секако дека тоа ќе биде возможно и применливо од 1 јануари наредната година“, посочи Реџепи.