Се бара начин да се намали бројот на деца питачи на улица
Во Тетово беше промовирано локалното координативно тело во рамки на програмата за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите. Промоцијата е во рамки на проектот „Градење на посилни локални мрежи за подобрување на заштитата на правата на децата Роми“, при што како најголем проблем се потенцира питачењето.
– Имаше повеќе обиди за решавање на тој проблем со формирање специјални тимови но за жал во минатото немаше некој поконкретни резултати затоа што се се соочуваа институциите со законски несогласувања. При повлекување на децата од улица институциите се соочија со проблем на правото на родителите да се грижат за нивните деца, со старателството. Сега Министерството за труд и социјална политика заедно со невладини работеше на усогласување на законските регулативи со цел да се идентификуваат децата кои се на улица кои немаат документи, кои не се заведени во системот и да најдат конкретни решенија. Имаме податок дека 99 отсто од децата што се на улица питачи или кои одат по улиците се Роми. Тоа е сериозен проблем кој треба да се надмине, рече Себихан Демировски, извршен директор на Ромски Ресурсен Центар.
Во проектите на невладиниот сектор се утврдиле многу лица без документи, а воедно и деца.
– Во моментот имаме идентификувано повеќе од 500 лица кои се без документи и не се регистрирани, и 30 отсто се деца. Тие ќе добијат привремени документи се додека не се реши трајно тоа прашање. Тоа е една од работите каде што можеме да кажеме дека има напредок, рече Демировски.
Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ од Тетово е партнер на Здружението за поддршка на маргинализирани заедници „Ромски Ресурсен Центар“-Скопје во спроведувањето на проектот. „Градење на посилни локални мрежи за подобрување на заштитата на правата на децата Роми“ се спроведува од декември 2017 до јули 2019.деца