СДСМ со поголема самодоверба прослави 35 години од формирањето. Филипче: Кај власта е срамот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечената седница на Централниот одбор по повод 35 години од формирањето на партијата, порача дека блокадата на европскиот пат претставува најсериозната закана за иднината на државата и дека тоа е предавство на националните интереси.
„Денес Македонија повторно е пред голем испит. ЕУ патот е закочен. Отворено и бесрамно ни кажуваат дека тоа ќе трае и натаму со децении, божем како заштита на националните и државни интереси. Тоа е безобѕирна лага“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека европската интеграција е врвен национален и државен интерес.
Филипче потсети дека токму СДСМ носел историски одлуки кои ја движеле државата напред кон евроатлантските интеграции, дури и кога тие одлуки биле тешки и непопуларни.
„На нивна страна е срамот! А тоа е страната на предавството на националните интереси, на антиевропските политики“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека застојот на европската перспектива значи застој на државата и губење на иднината за младите генерации.
„Тоа значи училиштето да не биде чекална за иселување, туку подготовка за останување и изградба на татковината“, рече Филипче и порача дека партијата останува доследна на својата европска ориентација и ќе продолжи да се бори за враќање на државата на вистинскиот пат.
Тој потенцираше дека суштината на новата политичка понуда е нов социјален и европски договор со граѓаните, заснован на правда, солидарност и еднакви шанси.
„Затоа, вечерва да не си ветуваме лесни победи. Да си ветиме тешка политичка и демократска борба и чесност. Да си ветиме правда. Да си ветиме правични даноци. Да си ветиме држава што не се плаши од вистината. Да си ветиме политика достојна за Македонија“, истакна Венко Филипче.
На крајот од излагањето упати и политички пораки до опозицијата и власта и истакна дека граѓаните повторно треба да ја добијат клучната улога во одлучувањето и водењето на државата. „Им порачувам, лагите, лажниот патриoтизам, сурoвиот национализам на штета на меѓуетничките односи заврши. Ја враќаме власта во рацете на граѓаните“, рече тој.
Пред крајот на свечената седница во седиштето на СДСМ дојде и поранешниот претседател Зоран Заев. Тој се извини за доцнењето затоа што бил на премиерата на документарниот филм за Преспанскиот договор.