СДСМ прашува: Дали хотелите на Данела се финансирале со задолжување на салата „Расадник“?


СДСМ тврди дека постојат сериозни докази дека средствата од самопридонесот на скопјани се злоупотребувани и раскрчмувани од страна на Данела Арсовска, која според нив катастрофално ја менаџирала спортската сала „Расадник“.

„Инвеститор на Спортската сала ‘Расадник’ е град Скопје, а парите за спортската сала се собрани од сите скопјани по пат на самопридонес. Објектот на спортската сала ‘Расадник’ денес претставува градски срам, целосно деградиран и запуштен. Пред фактите и боговите молчат, затоа молчи и Данела Арсовска и се обидува да  избега од прашања за нејзиното користење и упропастување на Спортската сала ‘Расадник4.

Факт бр. 1: Постои фирма со име ‘Империјал Данела’ која има договор за користење на салата ‘Расадник’ до 2026 година со закупнина од само 1.000 евра месечно.

Еве го договорот за закуп на спортска сала Расадник, со печат од фирмата ‘Империјал Данела’ склучен на 1.01.2002, кога министер за финансии е Никола Груевски. Данела Јовановска (моминското презиме на Арсовска) е директор на фирмата ‘Империјал Данела’, со адреса ‘Благоја Гојан бр. 24’ на која се наоѓа сегашниот хотел ‘Империјал’ во Скопје, во сопственост на нејзиниот татко.

Факт бр. 2: Овој документ покажува дека спортската сала ‘Расадник’ во 2021 должи струја од речиси 3 милиони и 330 илјади денари, или над 54.000 евра, и е доказ за катастрофално менаџирање!

Факт бр. 3: Овој документ докажува дека фирмата ‘Империјал Данела’, со која директорувала Данела, била затворена со долг кон Јавното претпријатие од 8 милиони денари, или над 130 илјади евра!

Почитувани, скопјани имаат право да знаат дали фирмите на Данела Арсовска, дел со седиште во сала ‘Расадник’, ја менаџирале и упропастувале спортската сала ‘Расадник’ изградена со самопридонес на скопјани. Јавноста има право да знае каков менаџер била Арсовска и каде завршувале стотици илјади евра што ги должат фирмите со кои менаџирала Арсовска.

Ако Арсовска е транспарентна пред јавноста нека не избегнува новинарски прашања и нека одговори: кој период менаџирала со фирми кои ја закупувале спортската сала ‘Расадник’. Дали со стотиците илјади евра што ги должи за струја и кон ЈП, фирмите на Данела Арсовска ‘Империјал Данела’,’Империјал ДООЕЛ’, ‘Империјал спорт’ и ‘Ројал груп’ развивале бизнис со луксузни хотели во Скопје кои носат име ‘Империјал’ и ‘Ројал’?“, реагираат од СДСМ.